Во држава каде што довербата во судскиот систем се спушти на катастрофални 2 отсто, а обвинителството со децении функционира како инструмент на политичка моќ наместо како столб на владеењето на правото, појавата на кандидат со профилот на Владимир Панчевски за функцијата државен јавен обвинител предизвика предвидлива, но симптоматична паника. Зошто токму тој? Затоа што тој не припаѓа на кастата на послушни функционери. Тој е човек кој ја плати цената на независноста со сопствена слобода и сега се враќа со неспорна стручност и морален авторитет што ги загрозува структурите на селективната правда.
Нападите се концентрирани на случајот „АКМИС“. Се повторуваат старите обвинувања за наводна рачна распределба на предмети. Но, сведоштвото на поранешната обвинителка во Специјалното јавно обвинителство, Лејла Кадриу, изнесено во интервјуто кај Богдан Илиевски на ТВ Алфа, ја разобличува целата конструкција со прецизност на инсајдер.
Кадриу, која лично беше дел од тој систем пред да си замине поради одбивање да учествува во „лудилото“, сведочи дека Панчевски, како претседател на Основниот кривичен суд Скопје со доверба над 50 отсто во анкетите за судството, им претставувал „проблем број еден“. Зошто? Затоа што категорично одбивал да дозволи нелегално извлекување на предмети надвор од судот. Неговата понуда била јасна: „Дојдете, направете увид, во присуство на стручно лице, под камери, ќе ви се изготват заверени копии.“ Тој инсистирал на законска постапка. Не сакал да соработува во она што Кадриу го опишува како период на хајки и прогони под диригентство на СЈО и политичките центри на моќ.
Кога не е пронајдено ниту едно незаконито дејствие, започнува фабрикувањето. Измислиле предмет за „рачно распределување“ наспроти АКМИС. Истовремено, истата практика ја применувале претседателите на Врховниот суд, Апелациониот и Управниот суд – но никој никогаш не повел ниту најмала постапка против нив. Како што точно забележува Кадриу: „Да беше за сите еднакво, би рекле добро. Ама овде беше селективна правда.“ Фатиме и Ленче, според нејзините зборови, се однесувале срамно , играјќи улога на жртви додека самите биле дел од машината што ги монтира процесите. Тоа не беше правосудство. Тоа беше политичка егзекуција на еден од најстручните и најеминентните правници во земјата.
Регионот нуди јасни историски паралели што ја разобличуваат хипокризијата.
Затворската казна што му ја изрекуваат самите узурпатори на правдата, денес ја користат како аргумент кој би требало да фрли нова дамка врз беспрекорното професионално портфолио на Панчевски.
Неговата Via Dolorosa не е ништо поразлична од онаа за низа знаменити личности во регионот кој оставија длабока трага на денешната геополитичка мапа на Балканите. Франјо Туѓман, Јанез Јанша во Словенија, Алија Изетбеговиќ , или ако сакате во светски рамки Нелсон Мандела сите неправедно гонети, осудувани и затворани од авторитарни или политички мотивирани системи. „Per aspera ad astra“ вели римската мудрост.
Сите подоцна јавaа на бел коњ кон врвот на државата, носејќи легитимитет токму од цената што ја платија за својата независност. Кај нас, селективноста останува правило: оној што не ја свиткува кичмата, се казнува, додека оној што ја врти правдата според моментната владејачка гарнитура се прогласува за врвен демократ, борец за владеење на правото и реформатор.
Нападите врз имотот на Панчевски, се уште една димна завеса, фабрикувана од криминално – недоветната легура на власта, на која народот веќе и го покажа местото во буништето на македонската историја. Во земја каде што богатењето преку јавни набавки, тендери и партиски зделки беше институционализирано, токму судијата и адвокатот што со децении чесно работел станува мета. Тоа не е морална осуда ,тоа е класичен механизам за дискредитација на неподобните.
Владимир Панчевски денес располага со ретка комбинација од длабоко познавање на кривичното право, магистерска титула, искуство како претседател на најоптоварениот кривичен суд, трновит пат поминат низ монтиран процес и робија, за како Феникс се издигне над се и успешно води адвокатска практика.
Од неговата позиција денес, системот се гледа од сите агли, од судиската клупа, низ закованиот прозор на затворската ќелијата и од позиција на адвокат бранител. Тој не е теоретичар. Тој е практичар кој ја плати највисоката цена за принципот на владеење на правото.
Токму затоа го напаѓаат со таква жестокост. Затоа што знаат дека тој во никој случај не би ја претворил обвинителската служба во продолжена рака на ниту една политичка структура. Знаат дека нема да се реваншира и свети за направедните неправди, во таков случај не би се разликувал од своите џелати, би барал одговорност според законот, а не според партиска припадност или медиумска поддршка.
Тие знаат дека со него ќе почнала вистинска, а не перформативна реформа на правосудството. Во моментов Владимир Панчевски како капка вода среде пустина му е неопходен на девастираниот правен поредок во Македонија!
ЕТЕ ЗАТОА ВЛАДИМИР ПАНЧЕВСКИ!
Пишува Игор Доневски за ZBOR.COM.MK




