Интервју со кандидатот за јавен обвинител Владимир Панчевски
Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје Владимир Панчевски е меѓу кандидатите што поднесоа пријави на огласот за јавен обвинител на Република Македонија, кој го распиша Собранието. Во интервју за „Нова Македонија“, Панчевски открива што го мотивирало да го прифати ваквиот предизвик, за своите визии како потенцијален јавен обвинител, но и за тоа како да се врати довербата во македонскиот правен систем.
Како кандидат за јавен обвинител, кои би биле вашите први чекори за враќање на институционалната доверба – не преку наративи, туку преку мерливи и видливи резултати?
– Мојата програма за реформа на Јавното обвинителство и враќање на довербата на граѓаните е визионерска – ја поставува целта за враќање на довербата и поставување на Обвинителството како гарант на владеење на правото, таа е реформска – вклучува длабински промени во организацијата, законската рамка, кадровските политики и односите со јавноста, иновативна – првпат предвидува воспоставување дисперзирани граѓански канцеларии координирани од истражниот центар, 24/7 јавна телефонска линија со дежурен јавен обвинител и развој на корисни модули со помош на АИ-технологија за анализа на податоци, предвидливост на судска пракса заради зголемување на правната сигурност и минимизација на арбитрарност во одлучувањето. И конечно таа е мерлива – со конкретен план на активности по години, индикатори за успех и механизми за мониторинг и евалуација. Мојата програма предвидува Јавното обвинителство да излезе од состојбата на криза и да стане современа институција што ќе биде независна, ефикасна и достапна за секој граѓанин, така што довербата од сегашните 2 отсто ќе порасне на најмалку 50 отсто до крајот на мандатот, преку видливи резултати во гонењето корупција и организиран криминал и заштита на правата на жртвите, но најважно од сѐ ориентирана кон граѓанинот и неговите потреби за правна сигурност. Бидејќи без правна сигурност на граѓаните нема ни држава.
Како иновација, најпрво предвидувам реорганизација заради директна поврзаност со граѓаните, преку локални граѓански канцеларии во рамките на Јавното обвинителство, кои ќе прават анализи и ќе постапуваат во превенција и репресија на криминалитетот на терен на локално ниво со 24/7 достапност на јавен обвинител во секоја општина локално и јавно достапна 24/7 телефонска линија, заради ефикасно постапување директно и суштински детектирање и спречување на сите негативни појави и прекршувања на законот, за што се потребни законски измени во Законот за јавно обвинителство.
Враќање на довербата на граѓаните преку јавни извештаи, транспарентни постапки, анализа на претходното работење на Обвинителството во целина, отстранување на негативните пракси на волунтаристичко работење во институцијата, зајакнување на принципот на хиерархија и субординација преку задолжителни упатства и поведување дисциплински и други постапки против одговорните за лошата состојба и подигање на довербата во институцијата. Борба против високата корупцијата и организираниот криминал преку реформирање специјализирано обвинителство (ЈОГОКК) по примерот на Хрватска и Словенија, јакнење на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот и поврзување со Агенцијата за конфискуван имот преку дисперзирана канцеларија, раководено од јавен обвинител, изработка и воспоставување единствена државна евиденција како единствена база на привремено одземен имот, имот на кој се ставени привремени мерки и конфискуван имот со судска одлука, интеграција на базите на судовите, МВР, Финансиска полиција, УЈП, Царина, Катастар, Централен регистар и други надлежни органи што обработуваат податоци за запишување мерки и залог врз движни и недвижни предмети и права.
Исто така предвидувам воведување електронски систем за распределба на предмети, дигитални бази, развој на АИ за анализа на податоци и правна сигурност за граѓаните и дигитална граѓанска платформа за пристап на граѓаните до обвинителските одлуки и дејства. Воспоставување јавни статистики за предмети, отворени денови со граѓани најмалку еднаш месечно – директно со надлежниот јавен обвинител по однос на суштински прашања за граѓаните, јавни дебати за состојбите и проблемите на локалното население и вклучување на медиумите и невладините организации, како резултат на што ќе се подобри ефикасноста да нема предмети во фиока и да нема непочитување на законските рокови и права на граѓанинот. Воспоставување истражен центар и локални граѓански канцеларии, блиску до секој граѓанин, и вистинска заштита на жртвите и сведоците.
Во сегашната структура на Јавното обвинителство постои јасна празнина меѓу стручните соработници и јавните обвинители. Обвинителите се преоптоварени со голем број предмети, додека стручните соработници немаат доволно овластувања за да помогнат ефикасно. За надминување на овој проблем предлагам враќање на функцијата помошник-јавен обвинител, повисок степен во професионалната структура од стручен соработник, со делегирани технички и други овластувања, што ќе биде мотив за овие кадри за професионално напредување и вклученост во процесот на реформи, со што ќе се зголеми ефикасноста на Обвинителството.
Во мојата програма предвидувам донесување нов етички кодекс за обвинителите и јавнообвинителската администрација: забрана за директни контакти со политичари и бизнисмени поврзани со предмети, забрана за избор на крвни сродници, брачни другари и состојби на конфликт на интереси во кое било ниво на јавното обвинителство, обврска за пријавување на секој обид за притисок, обврска за избегнување судир на интереси. Воведување регистар на интереси каде што обвинителите ќе пријавуваат финансиски и имотни односи и релации. Воспоставување редовна внатрешна инспекција при Јавното обвинителство, која ќе следи дали обвинителите ги почитуваат роковите и правилата. Секој обвинител ќе биде должен да поднесува годишен личен извештај за бројот на предмети, одлуки и почитување на законските рокови.
Што очекувате од Советот на јавни обвинители, дали очекувате позитивно мислење?
– Од Советот на јавни обвинители секако очекувам позитивно мислење, иако законски станува збор за формална процедура, која претпоставува исполнување законски предвидени општи и посебни услови за избор на јавен обвинител каде што како посебен услов е предвидено кандидатот да има „стекнато право“ од непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право. Јас ги исполнувам сите законски услови, па и тој посебен услов како судија со непрекинат работен стаж од 13 години. Но истовремено ќе појаснам дека имам богато правно искуство и работа во повеќе државни органи од вкупно 26 години стаж, со докажани и потврдени резултати во предметната материја. Моите почетоци во кариерата датираат од далечната 1996 година, токму во Јавното обвинителство, каде што сум ги поминал сите скалила во стручната служба и едноставно ми се познати таа материја и процесот на постапување. Сум работел директно со двајца државни обвинители во тој период, а истовремено сум и од онаа генерација на стручни соработници во тоа време што одеа на застапување на предмети. Моето богато искуство како судија со најголем број потврдени одлуки во сите судски инстанци, одлуки што приходуваа десетици милиони конфискуван имот во корист на буџетот на државата како што се предметите со наркобосот Бајруш Сејдиу и Тутунскиот комбинат-Прилеп и многу други што вклучуваа софистицирани финансиски криминални шеми се моите јавни резултати и придонес кон правдата, исто така моите заложби за унапредување на работата на Кривичниот суд како што е системот за закажување судења, преземањето на казнената евиденција од МВР во судовите, идејата за изградба на судницата во Идризово и многу други корисни решенија денес имаат практична примена во корист на сите нас. Тоа се проверливи факти, а резултатите се видливи. Очекувам Советот да даде позитивно мислење не само од формален аспект туку и поддршка за реформа каква што заслужуваат и очекуваат граѓаните на Република Македонија.
Еден од најконтроверзните случаи поврзани со вашето име се однесува на распределбата на предметите и примената на АКМИС. Како одговарате на обвинувањата дека сте постапувале спротивно на правилата и што покажуваат фактите и доказите од тие постапки?
– Случајот АКМИС поврзан со моето име е ништо повеќе од една политичка фарса. Имено, за пластично да им се објасни на граѓаните, а тоа деновиве на една национална телевизија го кажа и поранешната обвинителка Лејла Кадриу е фактот дека јас не бев суден за корупција, популарно кажано мито, туку бев суден и оцрнуван за да ме тргнат од патот сите овие што претходно ги споменав, бидејќи им стоев на патот на незаконитоста и неправдата, затоа бев таргетиран и прогонуван. Не бев обвинет за корупција, туку за некаква апстрактна повреда на право. Впрочем, истите дејства ги имаа и претседателите на Управниот суд и Врховниот суд, а за ова дури пред две години по однос на Кривичниот суд јавно од страна на претседателката на Судскиот совет беше кажано дека „тоа не е ништо“ и дека претседателот на судот има такво право за рачна распределба во согласност со природата на предметите и нивната тежина. Што не е ништо друго туку селективна правда и примена на двојни стандарди. Не бев суден и прогонуван затоа што некој човек, фирма или адвокат излезе и рече дека е оштетен од некоја моја одлука. Во целиот мој случај нема пријава од постојна жртва за повреда на некое право со моето работење. Проверете ги сите медиумски архиви од мојот процес – нема да најдете ниту еден напис, ниту една изјава од оштетена странка или обвинување за мито, туку ме судеа по желба на овие што денес ги гледаме реформатори со милиони евра народни пари потрошени за три месеци, врховни судии, членови на Советот на јавни обвинители, судии со пари во ѕидовите и политичарите што ги силуваа овој народ и оваа држава.
Бидејќи немаше што да ми најдат во мојата 20-годишна кариера измислија постапка „влијаел врз компјутерски систем“, иако сите пресуди беа потврдени, а странките задоволни, а оние што прават реални повреди на правото, на кои се жалат странките, не судиите – не се процесираат. Ако нема оштетена странка, која е најважна во постапката, ако обвинителот бил задоволен и ако повисокиот суд ја потврдил правдата – тогаш, прашувам, каде е тука криминалот? Јас бев суден зошто бев успешен менаџер и направив судот да биде успешен и да биде сервис на граѓаните. Ме прогонуваа зашто како претседател лично сум потпишувал, пак ќе повторам „сум потпишувал“ и не сум се криел, кај кои судии да се распоредат предметите, но не заради влијание како да судат, туку заради еднаква поделба, бидејќи системот не е Господ, а сите судии се еднакви и на крајот на краиштата судиите ги избира независен државен орган, а тоа е Судскиот совет, не јас како претседател на судот. Ако распоред не смее да прави претседателот, кој е прв менаџер, кој да го прави. Но, политичарите што ги отворија пупките во судството мораа да збришат такви како мене за да инсталираат вакви какви што денес ги гледате со ѕидови полни со пари на судбината на граѓанинот кој сѐ знае.
Мене ми го проверуваа имотот и ме малтретираа многу државни институции изминативе години, но не најдоа корупција и сѐ ми беше пријавено и јавно, впрочем од тоа што ќе го наследиш не можеш да избегаш. Имотот е одраз дека потекнувам од домаќинско семејство, кое создавало и градело со години токму во оваа наша Македонија, бидејќи верувало во неа. Денес сите гледаме како на некои им излегуваат пари од ѕидовите токму кај тие реформатори. Додека на хартија покажуваат дека се слабоимотни и скромни, тие ги полнат своите ѕидови со парите на народот и на сметка на правдата. За разлика од нив, мојот имотен лист беше и остана чист и само на хартија и јас немам што да кријам во ѕидовите.
Што би им порачале на граѓаните што денес се скептични кон правосудството, а особено на оние што веруваат дека Обвинителството се користи како инструмент наместо како чувар на правдата?
– Мојата порака до граѓаните е наша заедничка цел да добиеме Јавно обвинителство 2026–2032, да донесеме една нова ера на независност, правда и доверба, заедно да изградиме обвинителство во кое граѓаните веруваат и да создадеме институција што ќе биде: Независна – заштитена од политички и бизнис-влијанија. Ефикасна – без одолговлекување, без застарени предмети, со почитување на законските рокови. Транспарентна – отворена кон јавноста, со редовни извештаи и јавни податоци. Модерна – со дигитални предмети, АИ-системи и 24/7 достапност за граѓаните. Праведна – секој да биде навистина еднаков пред законот. Да создадеме обвинителство што ќе им служи на граѓаните и правдата, а не на моќта.
Извор: Нова Македонија




