На настан во просториите на „Европска куќа“ Скопје, денеска ќе бидат доделени лиценци на нова генерација професионални водичи во планина, обучени согласно меѓународниот стандард на „Union of International Mountain Leader Associations (UIMLA)“.
Како што соопштуваат од Унијата на водичи, на настанот ќе бидат доделени лиценци на вкупно 17 кандидати – седум од Македонија и 10 од регионот (Косово, Албанија, Грција и еден кандидат од САД), кои успешно ја завршиле обуката и ги исполниле строгите професионални критериуми за стекнување меѓународно призната квалификација.
На настанот ќе се обрати Биљана Стефаноска, национален координатор за промоција на туризмот.
-Процесот на обука и лиценцирање претставува значаен чекор во насока на унапредување на квалитетот, безбедноста и професионалните стандарди во планинскиот и авантуристичкиот туризам – сегмент кој е препознаен како стратешки важен за диверзификација на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на дестинацијата. Воспоставувањето и примената на меѓународно признати стандарди директно се надоврзуваат на стратешките определби за развој на одржлив туризам, унапредување на човечкиот капитал и создавање туристички производи со повисока додадена вредност. Професионалните водичи имаат клучна улога во генерирање доверба кај странските пазари, продолжување на туристичката сезона и насочување на туристичкиот промет кон рурални и планински подрачја, со што се поттикнува локалниот економски развој, стои во соопштението.
Регионалниот карактер на генерацијата дополнително ја позиционира земјата како центар на знаење и соработка во областа на професионалното планинско водење, придонесувајќи кон јакнење на прекуграничната туристичка понуда и економска поврзаност.
Обуката е реализирана во Центарот за образование, наука и истражување – Планинска академија, акредитирана институција од Министерството за образование и наука, како и од страна на UIMLA.
Настанот е во организација на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина.




