Триесетгодишна мајка заедно со своето шестгодишно дете се фрлиле од шести кат на улицата „Прашка“ во скопски Карпош.
Настанот е пријавен нешто по 14 часот, а надлежните и Обвинителството треба да утврдат што и претходело на оваа трагедија.
Мајката и девојчето починале на лице место по падот. Случајот во полиција првично е пријавен како самоубиство, но од МВР за Канал 5 изјавија дека делото не може да биде квалификувано како такво сѐ додека не заврши увидот на местото и останатите постапки во координација со надлежен обвинител, особено, бидејќи е инволвирано и мало дете.
Членови на семејството во изјавата за Канал 5, велат дека шестгодишното девојче одело на училиште, била прваче, а помеѓу родителите особено
периодов имало кавги. Свекрвата која подолго беше третирана од лекари на Итната медицинска помош, во изјавата за Канал 5, сподели дека, станот во кои живееле бил заеднички.
Повеќе од два часа улицата беше затворена за возила, полициски службеници на самото место земале изјави од сведоци, додека траел увидот и се собирале докази.
Од МВР и Обвинителството детали најавија во текот на утрешниот ден кога треба да се знае и самата квалификација дали станува збор за убиство или самоубиство.




