Македонската женска фудбалска репрезентација до 17 години триумфираше попладнево во Струмица против Луксембург со 2:0 за втора победа на квалификацискиот турнир за Европското првенство – Б лига.
Лана Спасовска во 17. минута од натпреварот донесе водство за македонската репрезентација, а девет минути подоцна Лаила Бала ја удвои предноста, поставувајќи го конечниот резултат.
Избраничките на селекторот Катерина Милеска на отворањето на турнирот што се игра во Струмица забележаа победа против Грузија од 1-0, а во завршниот натпревар од квалификациите во битката за првото место во групата ќе играат против Северна Ирска на 6. март од 13:00 часот.
По две одиграни кола, Македонија и Северна Ирска имаат по шест освоени бодови, додека Грузија и Луксембург се без бодови.
МИА




