Меркaтa за намалување на ДДВ-то на горивото од 18 на 10 проценти е многу задоцнета и далеку од доволна и нема да придонесе да се намалат цените на горивата, изјави денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче, коментирајќи ја одлуката на Владата за заштита на стандардот на граѓаните по зголемувањето на цените на нафтените деривати поради војната на Блискиот Исток.
Имајќи предвид дека утре се очекува ново зголемување на горивата, додаде, граѓаните утре и следната недела нема да видат вистинско намалување на цените на горивата, туку се очекува горивото да се зголеми за дополнителни четири до шест денати, согласно новата пресметка на цената.
-Досегашните покачувања на цените ги чинеа граѓаните некаде околу 4,5 милиони евра. Се поставува прашањето што чекаше премиерот (Христијан) Мицкоски три недели. Се поскапе затоа што не реагираше навремено, рече Филипче на прес-конференцијата. Додаде дека за овие три недели се дозволи активирање на раст на спиралата на цените на сите производи, најмногу на храната. Маслото за јадење е над 100 денари, јајцата 300 денари, зеленчукот и овошјето над сто денари за килограми.
Забележа дека Владата нема мерка за намалување на цените на храната, и оти овие цени кога еднаш ќе се покачат повеќе нема да се вратат назад. Според Филипче, Мицкоски пред граѓаните излегол само со една половична мерка, а во изминатиот период Владата се занимавала со дефокус од вистинските проблеми и напади кон него и одбила да ги зголеми платите. Смета дека во овој момент треба да се заштити стандардот на граѓаните, а не бизнис интересите.
Треба, како што кажа, да се намалат акцизите за горивата и ДДВ-то за храната, да се направат пакети за најранливите и за земјоделците, а најреален ефект што граѓаните и стопанството ќе го почувствуваат е да се прифатат нивните предлог закони и мерки. Филипче рече дека исто така треба да се забрани граѓани од странство да точат гориво кај нас. ев/вј/
ФОТО: Принтскрин




