„Кој пие од водата што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни, таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен“ (Јован 4: 14), се зборовите што Исус Христос ѝ ги кажал на самарјанката кога дошол кај Јакововиот бунар барајќи вода од неа. Оваа светителка во Светото писмо е наречена самарјанка, потекнувала од областа Самарија, чии жители биле во постојана кавга со Јудејците. Со текот на времето самарјанката ќе добие име света Фотина или светлина, светителка, чиј ден се одбележува на 2 април, а нејзиниот лик има значајно место во пасхалниот литургиски циклус бидејќи во петтата недела по Пасха се чита евангелскиот извадок за нејзината средба со Христос.

Света маченичка Фотина, позната и како самарјанката, е една од највпечатливите личности во христијанската традиција, пример за длабоко покајание, духовно преобразување и непоколеблива вера. Нејзината приказна почнува со една едноставна, но судбоносна средба со Господ Исус Христос кај Јакововиот бунар, опишана во Евангелието според Јован.

Во тоа време Фотина била жена со тежок живот и сложено минато. Кога Христос ѝ побарал вода, разговорот што следувал го открил нејзиниот внатрешен свет, но и Божјата љубов и милост. Со божествена мудрост Христос ѝ ја открил вистината за „живата вода“ – духовната благодат што носи вечен живот. Овој момент станал пресвртница во нејзиниот живот. Таа ја препознала вистината, поверувала и веднаш станала сведок на Христовото учење повикувајќи ги и другите да Го запознаат.

По овој настан, Фотина целосно се посветила на ширење на христијанската вера. Заедно со своето семејство таа проповедала во разни краишта не плашејќи се од опасностите што ги носела новата вера во времето на римските прогонства. Нејзината ревност и смелост привлекле многумина кон христијанството.

За време на владеењето на императорот Нерон, Фотина била уапсена и изложена на сурови маки поради својата вера. И покрај сите страдања, таа останала цврста и непоколеблива сведочејќи за Христос до самиот крај. Според преданието, го завршила својот живот маченички, фрлена во бунар, со што го добила венецот на вечната слава.

Д-р Виктор Недески, в.д. продекан на Православниот богословски универзитет „Свети „Климент Охридски“ и професор по патрологија и агиологија со хеортологија во разговор за МИА појаснува дека во Евангелието според Јован жената од Самарија се појавува без лично име, што е карактеристично за Јовановата богословска перспектива, каде што личниот идентитет е во втор план во однос на откровението што се случува во средбата со Христос.

– Сепак, во текот на раните векови на Црквата оваа анонимност постепено се надминува преку живото предание. Името Фотина почнува да се појавува во византиската хагиографска традиција, најверојатно од IV до V век, во време кога се оформуваат синаксарите и богослужбените книги. Посигурно е засведочено во Синаксарот на Цариградската црква од IX до X век, како и во минеите. Во тие извори таа веќе е претставена не само како самарјанката од Евангелието, туку како проповедничка и маченица, која, според преданието, пострадала во времето на царот Нерон – вели Недески.

Тој додава дека иако овие податоци не се потврдени со независни историски извори од I век, тие претставуваат стабилен дел од црковното паметење и литургиската традиција.

Фотина значи светлина, името не е само ознака, туку богословско толкување на нејзиниот духовен пат

Света Фотина се празнува на 2 април, што е датум засведочен во византиските календари најдоцна од IX век, што укажува на веќе утврдено празнување во нејзина чест.

Недески појасува дека покрај тоа, нејзиниот лик има значајно место во пасхалниот литургиски циклус бидејќи во петтата недела по Пасха се чита евангелскиот извадок за нејзината средба со Христос.

– Ова вклучување датира уште од IV век кога се оформува литургискиот поредок во Ерусалим и Константинопол. Самото име Фотина потекнува од грчкиот збор φῶς, што значи светлина, и во ранохристијански контекст е поврзано со поимот „просветлување“, термин што се користел и за крштението – нагласува професорот.

Недески додава дека во тој контекст името не е само ознака, туку богословско толкување на нејзиниот духовен пат – од човек што бара вода до личност што станува носител на светлина.

За православните христијани денеска почна Страстната – Страдалната седмица, последната седма недела од чесниот пост што му претходи на Велигден.

Црквата од III до V век, кога се јавува првиот процут на хагиографијата, почнува да ги именува „анонимните“ библиски личности

За тоа дали има и личности во Библијата, чии имиња им се дадени подоцна во текот на историјата, Недески појаснува дека ова прашање отвора поширок историски процес во развојот на христијанската традиција.

– Во периодот од III до V век, кога се јавува првиот процут на хагиографијата, Црквата почнува да ги именува анонимните библиски личности за да ги вклучи во литургискиот и духовниот живот. Така, разбојникот на крстот станува познат како Дисмас, име засведочено во апокрифното Евангелие на Никодим од IV век; римскиот војник што го прободува Христос е именуван како Лонгин, а неговиот култ е рано развиен; додека имињата Јоаким и Ана, родителите на Пресвета Богородица, најрано ги среќаваме во Протоевангелието на Јаков од II век – вели тој.

Недески додава дека овие имиња не треба да се сфатат како резултат на историска верификација во современа смисла, туку како плод на преданието, кое преку литургиска употреба ги утврдува и ги прави дел од црковното паметење.

Света Фотина симбол за патот на духовната потрага – од темнина кон светлина

Во контекст на велигденските пости и престојниот празник Велигден, Недески за МИА нагласува дека ликот на света Фотина има особена богословска и духовна тежина.

– Нејзиниот евангелски наратив е тесно поврзан со древната катихуменска пракса кога огласените се подготвувале за крштение, најчесто примано на Пасха. Темата на „живата вода“ има јасна крштелна димензија, а самарјанката се јавува како образец на човек што се просветлува и веднаш станува сведок – вели тој.

Професорот додава дека од аскетска гледна точка, нејзиниот лик ја изразува суштината на постот како внатрешна преобразба: таа почнува како личност со сложена животна историја, но преку средбата со Христос влегува во процес на духовно обновување.

Подоцнежното предание, кое ја претставува како маченица во Рим во времето на Нерон, додава Недески, ја заокружува оваа динамика покажувајќи дека вистинската вера не останува приватна, туку се потврдува како јавно сведоштво.

– Во оваа смисла света Фотина станува парадигма за патот на духовната потрага: од темнина кон светлина, од лична средба кон заедничко сведоштво – истакнува Недески во разговор за МИА.