Излезноста на изборите во Унгарија продолжува да урива рекорди – во 15 часот таа достигна 66 проценти, бројка која во претходни изборни циклуси се гледала дури на крајот на денот.
Водечките партии ја поздравуваат високата излезност и сметаат дека тоа е доказ дека двете страни успеале да ја привлечат својата база на избори, како и огромен процент од обично неопределените гласачи.
Премиерот Виктор Орбан упати повик до граѓаните да продолжат да гласаат затоа што „мирот и безбедноста на Унгарија може да зависат од еден глас“.
-Рекордна излезност на изборите. Уште два часа до крај. Сега мора да притиснеме до крај. Гласајте и повикајте ги сите да гласаат, секој глас може да биде решавачки, порача Петар Маѓар, лидерот на опозициската партија Тиса.
Про-опозициските медиуми укажуваат дека изборните места со највисока излезност се во урбаните области на земјата што, според нив, е показател дека партијата Тиса има предност. Порталот 444 посочува дека излезноста е ниска во северо-источна Унгарија, која е најмалку развиен дел на земјата. Фидес ужива висока поддршка во оваа област. Највисока излезност, пак, се бележи во пошироките предградија на Будимпешта – која е наклонета кон опозицијата.
Од друга страна, унгарскиот про-владин медиум Индекс денеска го цитираше американскиот политички стратег Џон Меклафлин, кој работи на кампањите на Трамп и на Орбан.
Според Меклафлин, Фидес на Орбан има предност од 4 проценти пред Тиса и високата излезност и одговара на владејачката партија.
Американскиот експерт додава дека високата излезност е доказ дека изборната трка во нејзината целина била изедначена и дека граѓаните го чувствуваат тоа – за разлика од повеќемесечното инсистирање на опозицијата дека тие имаат недостижна предност над Орбан. (МИА)
Цветин ЧИЛИМАНОВ, специјален известувач за МИА од Будимпешта




