Македонски бранители

На денешен ден (03.05.2001 г.), во битката за селото Ваксинце, при заседа од терористите, загинува Влатко Петров (23 г.), припадник на единицата „Скорпиони“. Заедно со него загинува и Димитар Двојаковски. Да се потсетиме сите на ликот и делото на штипјанецот Влатко Петров.
Влатко Петров е роден на 23 јули 1977 година во штипското село Чардаклија. Се школувал за текстилен работник, но повремено работел и како келнер по кафулињата во Штип. Кон крајот на мај 2001 година закажал свадба, но до таа не дојде. Влатко го опишуваат како храбро момче, кое се определи да му служи на својот народ и земја. Веруваше дека на тој начин ќе ја изврши патриотската задача. Влатко имал еден постар брат, Коце, кој по неговата смрт се вработил како затворски чувар во Штип. На 4 јануари 2016 година, Коце и уште еден чувар загинуваат откако нивното возило излетало од патот, паѓајќи во коритото на реката Брегалница. Семејството Петрови од Чардаклија за 14 години ги изгуби двата сина.
Во чест на Влатко, во Штип е поставен споменик на бранителите. На споменикот се имињата на сите македонски бранители кои се по потекло од Штип. На 13 март 2012 година, споменикот во чест на штипските бранители е искршен од вандали. Нејасно е кој стои зад овој вандалски чин. Се претпоставува дека „Балисти“, навивачката група на ФК Шкендија Тетово, која тој викенд имала натпревар со ФК Брегалница Штип, стојат зад злоделото. Влатко Петров посмртно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Р. Македонија.

ЗАСЕДА ВАКСИНЦЕ – 3 МАЈ 2001

Влатко, како и неговиот соборник Димитар Двојаковски, беше на позициите во Кумановско. На трагичниот ден, во рамките на граничните единици, беа на теренот кај Ваксинце. Смената им почна на 2 мај во 6 часот и требаше, откако ќе пристигне замената, да се повлечат во 5 часот, но без никаква замена им беше наредено повлекување. И групата и нивните претпоставени знаеле дека низ Ваксинце има поставено барикади. Кога возилото со седум војници стигнало до првата барикада, водникот им се јавил на своите претпоставени. Меѓутоа, оттаму не добиле дозвола да се повлечат, туку да продолжат низ селото. Очигледно некому му требало да демонстрира некаква сила, и тоа со необезбедена патрола. Или можеби наредбата имала друга заднина. Како и да е, момчињата ја послушале наредбата и продолжиле.
Кога ја минале барикадата, навлегувајќи во селото, веднаш влегле во заседа од терористи. Се нашле опколени од сите страни и немале можност за борба, бидејќи се враќале од позиции и биле во возилото. Од друга страна, настанот укажува и на карактерот на терористите. Ако веќе претпочитаат борба, тогаш зошто не се бореле додека момчињата биле на позиција, туку ги чекале кришум, во заседа? Ова го спомнувам не толку за терористите, колку за нашата тактика во сета оваа војна. Проблемот требаше и можеше да биде разрешен уште во Танушевци. Ние моравме да си ја сочуваме границата и ние да ги чекаме терористите во заседа, а не да им дозволиме да влезат длабоко во земјата и тие нас да нè дочекуваат и ликвидираат во разни заседи. Но тоа е друга приказна. И такви работи, по правило, се случуваат кога политичарите водат војна, а војската води политика.

Трет елемент што укажува на една сосема поинаква спрега е фактот што терористите биле убедени дека го убиле таткото на Димитар, Јане Двојаковски, кој бил полковник во АРМ. Терористите на ОНА во својот прв извештај велат дека е убиен висок офицер на АРМ. Очигледно мислеле дека го убиле него, а не неговиот син. Значи, акцијата е водена без евиденција, без стратегија, без план кога и како да се дејствува. Во тој контекст, криво ми е што во врска со настанот, и не само со него, не бевме примени јас и повеќе мои колеги ниту од Претседателот Трајковски, ниту од премиерот, ниту од Претседателот на Собранието. Не мора да нè послушаат, но човечки беше да нè сослушаат, бидејќи имавме што да кажеме – вели полковникот (†2005), додавајќи дека точно ги знае сите што учествувале во убиството на неговиот син Димитар Двојаковски и Влатко Петров.

Во врска со нападот на транспортерот во Ваксинце, интересен е и податокот дека во него учествувале околу 60 терористи од селото, на чело со сопственикот на колонијалната продавница, и уште околу 30 терористи од Косово. Во самиот почеток учествувале десетмина, но по влегувањето на транспортерот, бројот на учесниците постојано се зголемувал. Практично, врз седумтемина се пукало од сите страни. Подоцна, двајца од терористите се заробени и тие даваат комплетна слика за командантите, извршителите и за самиот настан.

Во заседата биле Беќир Сакипи (командант), Адем Халили (снајперист), Заим Халили, Блерим Авдиљи, Скендер Халили (командант „Скендери“), Заим Авдиљи, Севдаиљ Нуредини (снајперист), Насер Авдиљи, Арсим Османи, Буредин Лимани (снајперист), Арџент Авдиљи, Исмет Салиу (снајперист), Нехат Авдиљи, Ќани Рамадани (осматрач) и Ќани Рамиз, сопственик на продавницата „Гури-мовит II“ или „Син Камен“ во Ваксинце.

Последниот ја издал наредбата за дејствување по одобрение на командантот „Шкупи“ од Слупчане. Поставената „дрљача“ била главната препрека поради која транспортерот бил оневозможен да го продолжи патот за Куманово. Тука следувала канонадата од разни оружја и убиството на Петров и Димитар Двојаковски.

Вечна им слава!