Министерството за здравство ја ажурира есенцијалната листа на лекови и во неа првпат се ставени лекови за одвикнување од пушењето, како трансдермални фластери и никотински гуми за џвакање, кои ќе можат да ги препишуваат матичните лекари, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција во рамките на одбележувањето на Светскиот ден без тутун 2026 година.
Во соработка со Светската здравствена организација (СЗО), Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, локалните самоуправи и здравствените домови, ќе се работи на зголемување на достапноста на советувалиштата за одвикнување од пушење, а посебен фокус е ставен на младата популација.
-Целта е овие лекови да бидат подостапни за граѓаните, препознаени од јавноста и фармацевтските компании, а матичните лекари да можат да ги препишуваат, изјави Алиу.
Според него, паралелно се работи и на нов закон за заштита од употреба на тутунски и сродни производи, усогласен со европските стандарди, со цел долгорочно унапредување на јавното здравје.
Одбележувањето на Светскиот ден без тутун претставува една од клучните активности насочени кон заштита и унапредување на јавното здравје. Бидејќи тутунот е еден од водечките фактори за појава на бројни незаразни заболувања, неопходно е постојано да ја подигнуваме свеста кај населението за последиците што ги остава врз здравјето, кажа денеска директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) д-р Марија Андоновска, која потсети дека податоците и резултатите од истражувањата со години наназад укажуваат на сериозноста на проблемот, кога речиси половина од возрасните граѓани во една држава се изјаснуваат како активни пушачи. Тоа е јасен сигнал дека мора навремено и одлучно да се преземат мерки за заштита на населението.
Според податоците на ИЈЗ, од истражувањето од 2023 година, изработено со Светската здравствена организација, СЗО Институт, Министерство за здравство, 45,4% од возрасната популација се изјасниле како активни пушачи. Исто така, истражувањето кое што го направивме во сите училишта на деца на возраст до 16 години, исто така покажува висок процент. Процентот е значително над европскиот просек на Светската здравствена организација кој изнесува 25%. Дополнително загрижува и фактот што пушењето кај нас во голема мера се смета за општествено прифатлива навика. Само 17% од граѓаните во Македонија изразуваат неодобрување кон пушењето, изјави директорката на ИЈЗ д-р Андоновска.
Употребата на тутун е директно поврзана со бројни заболувања, меѓу кои кардиоваскуларните, хронично-белодробните заболувања, мозочниот удар, разни видови малигни заболувања, промени со бременоста и слично. Никотинот создава силна зависност, поради што многу луѓе тешко успеваат да се откажат од пушењето, дури и кога се свесни за последиците.
Особено загрижува фактот што сѐ повеќе млади лица започнуваат со употреба на никотински производи уште во многу рана возраст, со што ризикот од долгорочни здравствени последици дополнително се зголемува. Товарот од болести поврзани со пушењето има сериозно влијание не само врз поединецот, туку и врз целиот здравствен систем. Огромен дел од ресурсите во здравството се насочуваат кон лекување заболувања кои можат да се превенираат. Годишно умираат околу 12. 000 граѓани од болести предизвикани од пушењето, додаде Андоновска.
Според анализите на СЗО, употребата на тутун ја чини државата околу 38 милијарди денари годишно, а секој денар вложен во превенција носи поврат од 19 денари преку избегнати здравствени трошоци.
Најави дека ИЈЗ ќе продолжи со превентивни едукации во училиштата и активности за подигнување на јавната свест за штетноста од пушењето.
Годинашниот Светски ден без тутун се одбележува под мотото „Разоткривање на привлечноста, спротивставување на зависноста од никотин и од тутун“.




