На денешната собраниска седница за пратенички прашања се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Марков кој постави три прашања од кои првите две беа упатени до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и едното до министерот за здравство, Азир Алиу, кои се однесуваа на три многу значајни теми за граѓаните на Македонија и тоа за динамиката и напредокот на реформската агенда, мерките за контрола на цените за горивата и на инвестициите во здравството.
Во своето обраќање Марков се осврна на реформската агенда, при што ја обвини опозицијата дека се обидува да создаде впечаток дека нема напредок во реформските процеси.
“Во однос на првото прашање сведоци сме дека опозицијата од петни жили се обидува да создаде впечаток дека нема напредок и дека реформската агенда ја третира како сценографија, да даде европски шмек на нивните трагикомични прес-конференции, притоа заборавајќи на тоа што оставиле, обвинувајќи за се што самите не успеале да решат додека биле на власт. Политичката критика е здрава, но ова не е критика ова е политичка гимнастика без допир со реалноста. Претседателе до каде се чекорите кои треба да ги исполниме како држава и што досега е реализирано од реформската агенда?“, праша Марков.
Второто прашање на Марков се однесуваше на владините мерки за поевтинување на горивата и заштита на животниот стандард на граѓаните. Тој оцени дека Владата реагирала навремено преку мерки поврзани со ДДВ, акцизите и разговорите со ОКТА, со цел да се спречат ценовни шокови.
„Второто мое прашање се однесува на мерките за поевтинување на горивата и за заштита на животниот стандард, морам да констатирам дека Владата покажа дека не чека проблемот да експлодира, реагираше со ДДВ, со акцизи, разговараше со ОКТА, обезбеди попусти и ги следи состојбите на терен, Владата има и инструменти и волја да продолжи со мерки кои го штитат стандардот на граѓаните додека опозицијата критикува. Државата има регионално најниски цени на горивата и не се дозволи да се јават екстремни ценовни шокови. Претседателе вие до 1-ви Јуни ги продолживте мерките за поевтини горива, се со цел намалување на ценовниот притисок, изјавивте дека сте во преговори со Окта за продолжување на дополнителниот попуст, па би сакал да добијам одговор до каде сте со преговорите и дали доколку има потреба Владата ќе донесе одлука за продолжување на мерката со оглед на тоа дека први е веќе понеделник?“, рече Марков.
Во третото прашање Марков се осврна на состојбите во здравството, критикувајќи ги СДС и ДУИ за, како што рече, „политичка амнезија“ кога зборуваат за здравствениот систем. Тој потсети на скандалите од минатото поврзани со набавки на респиратори и цитостатици, додавајќи дека актуелната Влада работи на реконструкција на повеќе здравствени установи.
„Третото и последно мое прашање се однесува на здравството. Во поглед на здравството опозицијата покажува уште поголема доза на политичка амнезија. Смешно звучи кога СДС и ДУИ зборуваат како зад себе да имаат музеј на завршени болници. За време на нивно владеење се случија најголемите скандали, преку фирми за банани се договараа набавки за респиратори, пациентите примаа солена вода наместо цитостатици, итн. За разлика од тоа денес во здравството се работи на реконструкција на здравствените установи, на клиничкиот центар Мајка Тереза како и на градската општа болница 8 Септември, се најави и дополнително проширување на позитивната листа на лекови. Почитуван министре Алиу дали може да ни кажете што досега има направено за подобрување на здравствениот систем и каков е планот за во иднина во делот на инфраструктурните проекти во здравството?“, праша Марков.




