Лидерот на Хезболах, Наим Касем денеска изјави дека постигнатиот договор за прекин на огнот помеѓу Владата на Либан и Израел е „имагинарно примирје“.
Според него, со договорот се бара повлекување на Хезболах од јужен Либан, а воедно му се дозволува на Израел да „продолжи со својата агресија“. Тој посочи дека примирјето е „предавање, пораз и постигнување на непријателските цели“.
Касем ја повика владата на Либан да ги прекине директните преговори со Израел, нарекувајќи ги „фарса и навреда“.
– Нас не интересира само сеопфатен крај на агресијата, прекин на огнот и повлекување на израелските сили. Додека трае окупацијата ќе продолжи и отпорот, наведе Касем.
Претходно, Хезболах го отфрли договорот за примирје, што беше постигнат помеѓу владата на Либан и Израел, оценувајќи го како „патна мапа за истребување на дел од либанскиот народ и поробување на другите“.
Во меѓувреме и Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека „нема да има мир во регионот“ без повлекување на Израел од либанска територија.
– Нашиот почетен услов за прифаќање на прекин на огнот во регионалната војна беше прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и на Либан. Непријателот мора итно да ги запре нападите врз либанскиот народ, веднаш да се повлече зад меѓународните граници со евакуација на окупираните области на Либан и да го признае територијалниот интегритет на Либан, се наведува во соопштението на ИРГЦ.
Според договорот, постигнат во Вашингтон, помеѓу Израел и Либан се повикува на „целосен прекин“ на огнот од страна на Хезболах и повлекување на групата од јужен Либан.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац го поздрави договорот, истакнувајќи оти израелската армија ќе „продолжи со операциите на терен“ и ќе одржи „континуирано присуство во безбедносната зона во Либан, без враќање на населението“.
Министерството за јавно здравство на Либан соопшти дека во израелските напади од 2 март до денеска загинале најмалку 3.526 луѓе, а повредени се 10.733 лица.
Во извештајот на Министерството не се разграничени жртвите помеѓу борците и цивилите.
Поради војната помеѓу Израел и Хезболах раселени се повеќе од еден милион луѓе. (МИА)




