Осум луѓе загинаа во денешните израелски напади врз градот Тир, соопшти Цивилната одбрана на Либан.

Нападите биле насочени кон дел од градот каде има станбени згради за домаќинствата со ниски приходи.

Претходно, Израелската армија (ИДФ) ги повика жителите од градот Тир да ги напуштат домовите. Предупредувањето се однесува и на жителите на христијанската четврт. На граѓаните им е наредено да се евакуираат северно од реката Захрани.

– Престојувањето на жителите во близина на припадниците на Хезболах ги загрозува вашите животи. Секоја зграда што ја користи Хезболах за воени цели може да стане цел – објави портпаролот на ИДФ, Авичај Адрае, на платформата „Икс“.

Евакуацијата е наредена еден ден откога Иран соопшти дека ги суспендира нападите врз Израел, но во исто време и се закани со сериозен одговор ако ИДФ ги продолжи операциите во јужен Либан.

Иран вчера лансира низа проектили врз Израел. Тоа беше прв напад од примирјето постигнато во април. Израел возврати на иранските напади тврдејќи дека гаѓал воени цели во западен и централен Иран. По меѓусебните напади, американскиот претседател Доналд Трамп ги повика двете страни веднаш да прекинат со огнот.

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека прекинуваат нападите врз Иран додавајќи оти ако Техеран погреши и повторно нападне, ќе добие силен одговор.