Двајца трактористи загинаа во две одделни несреќи во Македонија.

Прво вчера наутро во Полициската станица Виница, лекар од Итна медицинска помош пријави дека кај нив со повреди здобиени при несреќа со трактор бил донесен В.А.(71) од с.Драгобраште, виничко, кој им подлегнал на повредите и покрај укажаната лекарска помош и извршена реанимација.

Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани увидна екипа на ОВР Виница извршила увид на местото.

Притоа, било констатирано дека на 06.06.2026 во вечерните часови на локален пат во с.Драгобраште В.А. излетал од патот со тракторот кој го управувал, по што заминал дома без да побара лекарска помош. На 08.06.2026 околу 09:00 часот неговиот син го однел во болницата во Виница за укажување лекарска помош, од каде што бил препратен во болницата во Кочани, но по кратко време му се слошило и од екипа на Итна медицинска помош Виница бил направен обид за реанимација, но тој им подлегнал на повредите. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР.

Вечерта околу 19:00 часот во СВР Скопје од приватна здравствена установа од с.Арачиново, скопско, е пријавено дека кај нив бил донесен починат И.Ш.(73) од с.Грушино, скопско.

Полициски службеници од СВР Скопје извршија службен разговор со братот на починатиот, кој изјавил дека при стартување на трактор, на кој имало поставено собирачка за сено и кој бил ставен во брзина, тракторот почнал да се движи, при што И.Ш. го зафатила собирачката. На пат кон здравствената установа, тој починал, соопшти МВР.

По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на семејството.