Кувајт привремено го затвори својот воздушен простор за цивилниот авиосообраќај по новите ирански напади, а дојдовните летови ги пренасочи кон алтернативни аеродроми.
„Ваквата мерка е донесена поради тоа што Државата Кувајт е изложена на злосторнички ирански агресии и поради потенцијалните ризици што тие можат да ги предизвикаат врз цивилниот воздушен сообраќај во регионот“, стои во објавата на Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Кувајт на социјалната мрежа „Икс“.
Кувајтската армија соопшти дека биле активирани системите за противвоздушна одбрана, додека Министерството за внатрешни работи на Бахреин информираше дека повторно се огласиле сирените за тревога низ земјата и ги повика граѓаните да одат во засолништа.
Во Кувајт и во Бахреин има американски воени бази, што се наоѓаат на неколку стотици километри оддалеченост од иранската територија.
Претходно, иранските вооружени сили соопштија дека извршиле напади врз двете соседни заливски држави како одговор на американските воздушни напади врз цели во Иран во текот на ноќта.
Иранските државни медиуми објавија дека со беспилотни офанзивни средства бил нападнат регионалниот штаб на американската морнарица во Бахреин, при што цел на нападот наводно биле системите за противвоздушна одбрана „Патриот“.
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека нападнала две американски воздухопловни бази во Кувајт и една во Бахреин, наведувајќи дека биле погодени вкупно 18 цели.




