Заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски во интервју за МИА вели дека нашата држава го има клучниот проблем да ги почне преговорите и тој проблем е билатерален, наметнат, иако од страна на нашиот источен сосед Софија постојано се вели дека ние имаме работа со Европската Унија, а не со Софија. Тој вели дека новите европски иницијативи се шанса, но блокадите мора да престанат со механизми од страна на ЕУ.

Димитровски во интервјуто за МИА посочува дека претходната власт не требало да го прифати т.н. француски предлог и оти Софија сега ќе го користи правото на вето за сите прашања од преговарачката рамка. Тој потенцира дека историските и идентитетските прашања не требаше да бидат дел од преговарачката рамка.

Тој посочува дека се потребни механизми со цел билатералните блокади да не бидат пречка во преговорите.

– Доколку се создаде механизам во Европската комисија, а мислам дека тоа се намерите и на германската и на француската страна, да се создаде механизам да не бидат можни блокади за билатералните прашања, кои, пред сѐ, се од идентитетски, историски карактер, нешто што нема врска со Копенхашките критериуми. Ако се создаде, а охрабрувањето оди во оваа насока, ако се создаде таков механизам, тоа навистина ќе ни помогне да ги отвориме и да ги затвораме натаму поглавјата, нам да ни даде некакво охрабрување да влеземе во авантурата на уставни измени затоа што јасно е дека не можеме да го смениме Уставот ако од другата страна се соочуваме со вето – потенцира Димитровски.

За акцискиот план за малцинства, што Бугарија го блокира, вели дека тој фактички е дел од преговарачкиот пакет и факт е дека тој треба да почне да се применува по уставните измени, но таму се предвидени антидискриминациски мерки.

– Тоа е документ што е составен со европски експерти, со експерти на Советот на Европа, сугерирани од Европската комисија, и ние го работевме навистина долго време. Го заокруживме тој документ и треба да ѝ го предадеме на Европската комисија. Консултирани беа сите претставници на етничките заедници во Македонија, помалите, значи Албанците се надвор од ова затоа што се над 20 отсто, меѓу кои и претставници на здруженијата на Бугарите. И што добивме од другата страна? Едноставно, блокада, односно противење: „Не сакаме да разговараме“. Значи, таму немате конкретни забелешки. Конкретните забелешки, некои од тие конкретни забелешки што ги имаше во нивните први писма ги имплементиравме, така што тие немаат забелешки на самиот документ, туку имаат забелешки на тоа што Македонија не ги донела уставните измени и нема што ние сега да разговараме за вакви документи. Значи, имате една бланко-блокада, која не придонесува натаму за унапредување на нашите добрососедски односи затоа што сметаме дека тој акциски план за малцинствата во голема мера ќе ги подобри, фактички, меѓу другото, и правата на оние што се чувствуваат како Бугари во Македонија – посочува Димитровски за МИА.

Г. Димитровски, во Тиват, како што кажа премиерот Мицкоски, францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Мерц дале силен мотив да продолжиме во делот на реформите врз основа на методот на заслуга, а не врз основа на билатерални прашања. Од друга страна, премиерот рече дека, без гаранции, ќе го почнеме процесот на преговори со ЕУ и ќе го завршиме, нема да поддржи уставни измени. Рече дека наишол на разбирање кај двајцата челници по ова прашање и очекува да има интензивирање на разговорите на оваа тема. Дали може да очекуваме пробив и дали тоа би било во вид на гаранции?

– Прво, овој најнов план, односно таканаречен нон пејпер на Макрон и Шолц, на претседателот на Франција и канцеларот на Германија, навистина е силен поттик во контекст на проширувањето. Знаеме дека од 2013 година ЕУ нема примено нова земја членка и проширувањето беше некако ставено на заден колосек. Познато е дека поради геополитички причини, поради војната во Украина, пред сè, се интензивираат разговорите во Европската Унија за наоѓање некаков модел или модус за побрзо интегрирање на кандидатите за членство во ЕУ. Пред сè, фокусот велам беше на Украина и Молдавија, но некако и Западен Балкан дојде во фокусот од причини што Унијата има потреба пред сè од геополитички аспект, да се наметне како глобален играч и без заокружување на континентот, пред сè од безбедносен аспект, таа не може да влезе во геополитички натпревар, пред сè, со Кина, САД.

Видовме дека Украина е на некој начин издвоена во овие најнови предлози затоа што за неа Мерц говореше за некаков тип на асоцијативно членство, евентуално да се испитаат тие можности, а Западен Балкан да добие една паралелна шанса, покрај овој т.н. систем на заслуги, кој треба да нè доведе до евентуално полноправно членство. Направена е една паралелна патека, според која земјите ќе напредуваат многу побргу, пред сè во делот на заедничкиот пазар. И тука мислам таргет се граѓаните, пред сè на овие земји, не политичките елити, туку граѓаните, затоа што идејата е да им се олесни  животот на граѓаните. И вториот дел – учество на состаноците во Европската Унија, во Европскиот совет, други институции, кои ќе го приближат овој регион кон Европа.

Но, мораме да бидеме на чисто дека за учество во заедничкиот пазар таму се говори дека земјата треба да има затворено пет кластери. Првите пет кластери. Тоа значи дека вие треба да ги почнете преговорите, да преговарате и да стигнете до ниво да ги затворите петте кластери, па да учествувате во заедничкиот пазар. За други некои прашања можете да бидете побргу вклучени во смисла на следење на состаноците на Европскиот совет итн.

Нашата држава го има клучниот проблем да ги почне преговорите. И тој проблем е билатерален, наметнат, иако од страна на нашиот источен сосед Софија постојано се вели дека ние имаме работа со Европската Унија, а не со Софија. Факт е дека нашата претходна влада прифати нешто што не смееше да прифати – вклучување идентитетски, историски, билатерални прашања во преговарачката рамка. И сега е повеќе од јасно, и според изјавите на господинот Радев во Тиват, но и претходно што ги даваше, според средбите на нашиот министер за надворешни работи со неговата колешка, дека тие ќе инсистираат на сите прашања што се во преговарачката рамка и оние што се во протоколите, на завршување на сите историски теми во историската комисија, без оглед што денеска постојат разни толкувања, од бугарска страна ќе се користи правото на вето во секоја инстанција.

Ако го имаме предвид начинот на водење на преговорите, сега се зборува дека во овој паралелен систем на некој начин ќе биде овозможено полесно да се отвораат кластерите и преговарачките поглавја за да нема блокада од земјите членки. Доколку се создаде механизам во Европската комисија, а мислам дека тоа се намерите и на германската и на француската страна, да се создаде механизам да не бидат можни блокади во врска со билатералните прашања, кои се од идентитетски, пред сè, историски карактер, нешто што нема врска со Копенхашките критериуми. Ако се создаде, а охрабрувањето оди, одело, во оваа насока, ако се создаде таков механизам, тоа навистина ќе ни помогне да ги отвориме и да ги затвораме натаму поглавјата, нам да ни даде некакво охрабрување да влеземе во авантурата на уставни измени затоа што јасно е дека не можеме да влеземе во авантура на уставни измени ако од другата страна се соочуваме со вето.

Велиме дека не сакаме да имаме неизвесност. Напротив, јас мислам дека ние имаме извесност оти ќе имаме вето. И многу често се користи од другата страна, нашата опозиција, дека „да, па што ако имаме вето, ние тогаш можеме да се откажеме?“ Во смисла да ги усвоиме уставните измени, а потоа ако добиеме вето од Бугарија, едноставно да се откажеме од преговорите. Меѓутоа, проблемот е сосема поинаков. Ние првпат имаме Влада што се грижи за националните интереси и доколку направиме уставни измени, без какви било уверувања дека нема натаму да имаме билатерални пречки, тогаш граѓаните не само што ќе се разочараат, туку ќе ја скратат поддршката на оваа Влада. И можна е политичка разврска, во која повторно на власт ќе дојдат ДУИ и СДСМ или некои нивни поддржувачи, кои, доколку утре, ние знаеме каква е нивната политика, не само што нема да се откажат од уставните измени, туку, напротив, едноставно ќе ги аплицираат, ќе ги применат сите наметнати барања од Софија. Знаеме како се колнеа во срцето, во жицата, дека нема да отстапат од националните интереси, а потоа изјавуваа дека сме ист народ со Бугарија, изјавуваа дека Гоце Делчев бил Бугарин. Значи, највисоки претставници на власта од Македонија. И од тие причини не можеме да ѝ веруваме на опозицијата и не смееме да влеземе во авантурата да направиме уставни измени, без уверувања дека натаму нема да бидат пречка историските, идентитетските прашања со Бугарија.

Блокирањето на акцискиот план за малцинствата од страна на Бугарија, покрај уставните измени, е нова пречка во преговорите. Бугарија е и против земјата да биде дел од иницијативата „Трите мориња“. Дали додека не се донесат уставните измени, може да очекуваме и други блокади надвор од ЕУ? 

– Јас лично бев инволвиран како заменик-министер за надворешни работи за нашата апликација во иницијативата „Три мориња“, која е чисто економска иницијатива и е за поврзување фактички на Балтикот со Јадранското и со Црното Море. Тоа е една иницијатива што ја поддржуваат САД. На нивно барање и на нивна иницијатива, затоа што ние и во минатото сме се обидувале да аплицираме и сме имале пречки, пред сè, од нашиот источен сосед. Но, сега, буквално на инсистирање и на САД, рекоа поднесете, сметаме дека овој пат може да станете дел од оваа иницијатива. Но, добивме блокада од бугарска страна со образложение, имаше еден непопуларен нон пејпер што ни го испратија, дека додека ние не ги прифатиме уставните измени во Собранието, дека тие ќе се однесуваат на овој начин за секаква иницијатива и за секакво друго прашање што ќе дојде на дневен ред, без разлика што нема врска со Европската Унија. Напротив, таа иницијатива е многу важна затоа што ги поврзува коридорите, пред сè се работи за Коридорот 8, за Коридорот 10 и така натаму, каде што, еве, заедно со бугарската страна ние сега, нели, треба да изградиме пруга. Но, велам, тој однос од страна на Софија е радикален, на некој начин е неприфатлив.

Слично е и за акцискиот план за малцинствата, нешто од што полза треба да имаат и оние што во Македонија се сметаат за Бугари затоа што тој акциски план фактички е дел од преговарачкиот пакет и факт е дека тој треба да почне да се применува по уставните измени, но таму се предвидени антидискриминациски мерки. Предвидени се мерки за едукација, предвидени се мерки против говорот на омраза на малцинствата, предвидени се мерки како да се однесуваат обвинителите и судиите во случаи на говор на омраза и така натаму. Тоа е документ што е составен со европски експерти, со експерти на Советот на Европа, сугерирани од Европската комисија, и ние го работевме навистина долго време. Го заокруживме тој документ и треба да ѝ го предадеме на Европската комисија. Консултирани беа сите претставници на етничките заедници во Македонија, помалите, значи Албанците се надвор од ова затоа што се над 20 отсто, меѓу кои и претставници на здруженијата на Бугарите. И што добивме од другата страна? Едноставно, блокада, односно противење: „Не сакаме да разговараме“. Значи, таму немате конкретни забелешки. Конкретните забелешки, некои што ги имаше во нивните први писма, ги имплементиравме, така што тие немаат забелешки на самиот документ, туку имаат на тоа што Македонија не ги донела уставните измени и нема што ние сега да разговараме за вакви документи. Значи, имате една бланко-блокада, која не придонесува натаму за унапредување на нашите добрососедски односи затоа што сметаме дека тој акциски план за малцинствата во голема мера ќе ги подобри, фактички, меѓу другото, и правата на оние што се чувствуваат Бугари во Македонија. И дека тој претпоставува усвојување низа мерки и во законодавството и во праксата, кои токму за нив ќе бидат наменети. Не само за нив, се разбира, тој не е правен за Бугарите, правен е за сите етнички заедници во Македонија. Но, еве, и тие ќе имаат полза од тоа. И несфатливо е зошто би биле против таков план, кој е со печат на европски експерти.

Според новиот нон пејпер, кој предвидува постепена интеграција на земјите кандидати, се предлагаат повеќе мерки, меѓу кои и можност за целосно учество во единствениот европски пазар според моделот ЕЕА+ (Европска економска област плус), но условот за ова е да бидат затворени одредени поглавја. Како Македонија ќе има придобивки од овој план?

– Па, значи, условот е повторно, велам, ние да ги отвориме преговорите. Познато е дека минатата влада говореше дека ги отворила преговорите, но преговорите не се отворени. За нив постои услов, а условот се уставните измени. Но, не и доволен за завршување на овие преговори.
Кои се идејата и планот на Европската Унија, односно пред сè на моторните сили Франција и Германија? Прво, треба да кажам дека е многу важно тоа да се преточи во регулатива, односно преку бирократските институции во Брисел да добие соодветна имплементација. Според нашите разговори со пријателите во Брисел и во земјите членки, не би требало да има пречки, да ги ставаат другите земји членки. Евентуално може да се додадат некои елементи во овој план, но бидејќи Франција и Германија се носители, и дека и другите земји членки, едноставно, ќе се согласат. И особено затоа што не е потребно да се менуваат фундаменталните договори за ваков тип на интервенција.

Познато е дека има некои земји што се т. н. фронтранери, кои имаат предност во евроинтегрирањето, како што е Црна Гора. Веќе се пишува во Брисел пристапниот договор за Црна Гора, но уште веднаш се поставува прашањето дали Црна Гора, евентуално заедно со Исланд, кој в година треба да направи референдум дали прифаќа повторно да биде членка на ЕУ, ќе може да добијат ратификација на тие договори со полноправно членство, туку се размислува за идеи дали тоа членство на Црна Гора, евентуално утре на Исланд, да биде без право на вето. И тоа е едно од тие алтернативи за Европа, нели, во разни брзини, која порано беше како модел. Но, особено за сите овие земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, бидејќи Украина ќе има поинаков третман.

Македонија, пред сè, е пофалена во делот на 100 отсто усогласеност со надворешната и безбедносната политика на државата, поддршката на Украина, санкциите кон Русија и тоа е многу важно во европските престолнини, пред сè во Берлин и Париз и во Брисел, и тоа го ценат. Тоа е принципиелен однос. Вториот дел, каде што во реформите за последните шест месеци навистина ние направивме многу во контекст на планот за раст, бидејќи тој е поврзан директно со реформи, пред сè, во донесување законодавство што ќе биде апликативно, меѓутоа и што ќе одговара на регулативата на ЕУ, и ќе продолжиме во тој правец. Останува делот, се разбира, за имплементација на законодавството во делот на судските реформи. Ние направивме некои почетоци на судските реформи, тоа треба дополнително да даде резултати. Но, мислам дека на планот на реформите Македонија нема да заостанува зад другите земји, напротив, во некои делови дури и предничи.

Во контекст на заедничкиот пазар, јас повторно ќе нагласам, идејата на заедничкиот пазар, ако се сеќавате, Еди Рама, премиерот на Албанија, и претседателот на Србија напишаа писмо уште пред неколку месеци, каде што токму од причини што им беше познато дека многу тешко Европа ќе одлучи да прифати земји членки од Западен Балкан. Тие побараа пристап до европскиот пазар, шенген – значи слободно патување и евентуално користење одредени кохезиони фондови во контекст до каде ќе одат преговорите, па така да се отвораат кохезионите фондови. И многумина тогаш забележаа зошто Албанија тоа го прави ако е веќе напредната, нели, се смета за една од фронтранерите. Затоа што луѓето го антиципираа овој однос што ќе го има Европа во иднина. Во францускиот парламент се потребни три петтини за ратификација на членството на новите членки. Еве, Црна Гора ќе дојде утре, и Исланд да речеме, ако бидат едни од земјите што ќе имаат предност. Многу е тешко да обезбедите три петтини во францускиот парламент или да помине тоа на референдум, тоа се двете алтернативи. Затоа што француската десница знаеме дека расте, во иден период дури и Макрон кој веќе не може да биде избран, но зборувам за политичка структура во Франција, која евентуално би дошла, секако нема да има поволен однос кон проширувањето. И видовте во минатото и анкетите во ЕУ. Во една Австрија, која е силен поддржувач на евроинтегрирањето, 30 отсто од граѓаните, само триесетина отсто се за интегрирање на овие земји членки од Западен Балкан.

Тоа значи дека многу е непопуларно проширувањето. Европската Унија тоа го прави од геополитички причини и затоа и изнаоѓа сега ваков тип на меѓурешенија, што на одреден рок, за четири до пет години, да речеме, до 2030 година, ќе значат доколку земјите ги затворат овие преговарачки поглавја, интегрирање во заедничкиот пазар, а дури потоа евентуално на некаков рок, кој би бил неопределен, да ги испитаат првин, нели, каква е нивната тежина, дали ги почитуваат европските стандарди, да може да станат полноправни членки.

Така што, тоа со заедничкиот пазар е навистина добар морков, условно речено. Но, и за до тоа да се стигне, нам мора да ни се обезбеди, не велам гаранции, туку механизам. А јас претпоставувам во таа насока се движат и германскиот и францускиот предлог, заедничкиот предлог – да постои механизам што ќе ги спречува билатералните вета во контекст на прашања поврзани со интегрирањето, не како полноправна членка, се разбира. На крајот, останува ратификацијата во парламентите. Но, ратификацијата во парламентите е за полноправно членство. Ако ние поминуваме одредени фази и стигнеме, да речеме, до тоа да затвориме поглавја, нема да има потреба од ратификација во сите парламенти за да учествуваме на заедничкиот пазар. Ќе видиме, ова се сè уште намери и претпоставки, тоа треба да се операционализира, фактички, во имплементацијата во бирократските структури на Европската Унија, но мислам дека постои сериозна шанса и поттик да добиеме ветер во грбот и да ги почнеме преговорите со изглед еден ден да ги завршиме, односно да не ни биде ставено вето.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека по пораките од Тиват, власта сега нема повеќе нема изговори за блокирањето на европскиот пат. Тие стојат на ставот дека францускиот предлог бил добро решение. Од друга страна, за да одиме напред, потребен е политички консензус внатре. Колку е можно да се постигне политички консензус?

– Во разговори со амбасадори, во разговори со претставници од Европската Унија, со луѓе што се упатени во околностите овде, затоа што не секаде ги знаат домашните околности во Македонија, нам постојано ни се потенцира тоа дека вашиот клучен проблем е што вие немате единствен став по прашањето за уставните измени и дека постојано ја посочуваат опозицијата, која едноставно смета поинаку – дека со усвојување на уставните измени нам ќе ни бидат ширум отворени портите на Европа. Така што, тоа останува клучно прашање што нам ни прави проблеми во Европа. И за тоа апелираме постојано, но гледаме дека од другата страна не сакаат тоа да го прифатат. Веројатно одработувајќи или да си ги спасат своите кариери на некој начин во таа партија или можеби во некое полудо сценарио – за некакви интереси на Софија, во што не би сакал да верувам. Но, познавајќи го односот кон ова прашање на ова раководство на СДСМ, јас знам дека најголем дел од членството на поддржувачите на СДСМ не го мислат тоа. Таа партија беше и државотворна, таа партија имаше и денеска има некои прваци, политички, кои сметаат поинаку. Но се доведовме во ситуација по Заев и тоа што го потпишаа… се работи за два договора, и за преспанскиот, меѓутоа и за овој со Република Бугарија, договорот за добрососедство, каде што дозволија идентитетските прашања да бидат, фактички, основа за наше напредување кон европски, евро-атлантски интеграции.

Сметам дека таму многу тешко ќе се постигне национален консензус. Јас би сакал овие понуди што сега ги има, ќе ги има од Европската Унија, да значат некаква шанса и за опозицијата, но и некаков тип на признание. Затоа што имавме неколку личности од Европа, меѓу другото, и господинот Кошта тоа го кажа среде Софија, но и неколку министри од странство, господинот Пленковиќ кажа исто во едно интервју, дека е разумно Македонија да бара дополнителни гаранции во контекст на нашето евроинтегрирање, дека нема да имаме никаква пречка. И останува, едноставно, македонската опозиција да го прифати тоа. Не може цела Европа да вели: „Да, вие сте во право, на ваша страна сме. Направете ги уставните измени и ќе ви помогнеме“ и така натаму во контекст на билатералните прашања, единствено македонската опозиција да вели: „Ма нема ништо, никаков друг проблем, освен уставните измени“. Мислам дека е тоа апсурдно и очекувам да ја увидат својата грешка и во иднина навистина преку еден, да изградиме еден национален политички консензус, кој ќе значи… Ако имате посилна позиција дома, вашите позиции и надвор ќе бидат посилни. И во секој случај и Софија ќе разбере… Вака Софија нема причина да направи никаква отстапка. А не се работи за отстапки, се работи за почитување на основните човекови права. Од пресудите од Стразбур за регистрирање македонски здруженија до тоа дека навистина не можете вие со прашања од средниот век, па ако сакате и од 19 век, да спречувате една земја да напредува во евроинтегративниот пат сакајќи притоа да го смените нејзиниот идентитет. Историски идентитет.

Приказната СДСМ што ја шири – „никој нам не може да ни го смени идентитетот“ – па, да, Бугарија не вели дека сакаме вас сега да ве смениме што сте Македонци, тоа никој не може да ни го направи, но сакаме да интервенираме во вашата историја, во вашите учебници, во вашите споменици, во сè што е некако историско наследство на револуционерната македонска организација. Да не зборуваме дека веќе ние прифативме со првиот протокол за цар Самуил, дека иако тоа не е научна теза оти е бугарски цар, ние тоа го прифативме. Јас не се сомневам дека утре која било власт на СДСМ ќе почне да ги прифаќа ултиматумите од Софија, знаеме како функционира историската комисија, само и само за да рече дека, еве, одиме напред кон Европската Унија и ги исполнуваме бугарските ултиматуми.

Македонија првпат од осамостојувањето беше избрана за членка на Економскиот и социјален совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) за периодот 2027 – 2029 година. Што ќе значи ова за државата? 

– Се работи за еден навистина голем дипломатски успех. Македонија претходно била и во други институции, односно организации на Обединетите нации, како што е Советот за човекови права, но ова е Економско-социјалниот совет и ќе бидеме членка од 2027 до 2029 година. И успеа да стане членка со 174 гласа во Обединетите нации. Таква силна поддршка навистина досега не е забележана, не велам за ниедна земја, меѓутоа за мала земја како Македонија, која, ете, има нерешени некакви прашања со своите соседи и така натаму, но очигледно дека има силна меѓународна поддршка. Тоа значи дека ние во мултилатералата успеваме да добиеме поддршка од сите структури: и од земјите на таканаречениот глобален југ, значи и од земјите на Европа, и од земјите од Азија, едноставно, Македонија има пријатели. Тоа е еден многу добар сигнал.
Второ, голема шанса во Економскиот и социјален совет, каде што се разгледуваат прашања – денес знаеме дека економијата, меѓу другото, станува важна на глобално ниво и од аспект на енергетските кризи, меѓутоа исто така и од социјален аспект. Знаеме дека насекаде стандардот на граѓаните поради војните, поради вложувањата во воената индустрија и така натаму, се намалува. Така што, ова тело во Обединетите нации, иако некој може да каже дека Обединетите нации се маргинализираат како институција, ние како мала земја сакаме да инвестираме во мултилатерализмот затоа што интересите на големите сили најлесно фактички се решаваат и се спротивставуваат на масата на ОН. Сакаме да се врати во фокусот Обединетите нации како меѓународна институција, која го гарантира мирот, меѓутоа не само мирот. Тие се многу важни за климатските промени, многу важни се за социјалните прашања, многу важни се за прашања на човековите права. Човековите права се дел исто така од овој Економско-социјален совет и сметаме дека Македонија како земја, која очигледно има проблеми, не со човековите права во сопствената земја, туку со своите сограѓани во соседството, дека ваков тип на институции може многу да помогнат во агитирање за македонската кауза, за она што ние го бараме, но исто така и докажува дека ние сме партнер во меѓународната заедница и во мултилатералата на кој може да му се верува.

Во втората половина на јуни премиерот најави реконструкција на Владата. Дали како коалициски партнер сте учествувале во разговорите и дали очекувате поместувања во новата реконструкција?

– Па премиерот има право, еве две години по изборите, чувствува дека има потреба, дека треба да направи реконструкција на Владата и не само на Владата, туку и на други институции што работат во системот на Владата и на државата. Тоа е негово право, меѓутоа, претпоставувам, тоа е и потребно, штом тој така чувствува. Ние како политичка партија Демократски сојуз учествуваме со скромен број на раководители во владините институции и очекуваме да ги чуеме аргументите на премиерот. Се разбира, ќе имаме состаноци, разговори – сè уште не почнале. Очекуваме да ги чуеме неговите аргументи дали тој навистина можеби има некаква намера и за наши претставници во Владата, но и за другите политички партии. Знаеме дека дојде до окрупнување на партиите во албанскиот блок и дека таму има некакви раздвижувања, што сигурно ќе наложи и некакви промени во Владата, но велам тоа е негово право и се надевам дека тоа ќе биде и во контекст на засилените реформи што треба да ги правиме. Ако навистина има некои ресори што не си ја вршат добро својата улога, ние како политички партнери имаме свои предлози. Имаме, пред сè, предлози во делот на засилување на судските реформи и на реформите во – веќе има реформи во Обвинителството, законите се тука некаде, Кривичниот законик – треба нов да се донесе до крајот на годината колку што сум информиран. Но, имаме сопствени предлози за реформи во антикорупциските мерки и закони. Имаме комплетен дизајн на антикорупциски мерки направен така што ќе се обидеме да влијаеме што повеќе во иднина и на новата и реконструирана Влада за, едноставно, таа да работи повеќе за граѓаните, за подобрување на животниот стандард, меѓутоа и за наше евроинтегрирање. нд/дј

Фото: Фросина Насковиќ