Министерот за одбрана на Република Македонија, Владо Мисајловски, во рамки на Меѓународниот саем во Париз, оствари средба со Елен Конвеј-Муре, потпретседателка на Комитетот за надворешни работи, одбрана и вооружени сили во францускиот Сенат.
На средбата биле разгледани можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка во одбраната, како и зајакнување на партнерските односи меѓу двете сојузнички земји.
-Македонската Влада силно инвестира во зацврстувањето на одбраната и безбедноста на Македонија, а со тоа и во колективната одбрана на Алијансата. Со зголемувањето на одбранбениот буџет и набавката на нова, модерна и софистицирана опрема, вклучително и системите за противвоздушна одбрана Мистрал 3 од Француската Република, придонесуваме кон посилно НАТО и побезбедни граѓани.
Можностите за натамошен развој на одбранбените односи помеѓу нашите две сојузнички земји се големи, од зголемување на обуките и вежбите, до унапредување на воената едукација, како и размена на знаења.
Убеден сум дека преку заедничка посветеност и засилена соработка ќе продолжиме да ги унапредуваме партнерските односи и да придонесуваме кон стабилноста и безбедноста, пишува Мисајловски во својата објава.




