Сметам дека токму локалната самоуправа е најдобрата школа за политика, вели градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски во интервју за КУРИР. Потенцира дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја доби довербата од граѓаните со јасна обврска – да ја стабилизира државата, да ги придвижи институциите и да започне реални промени по години на стагнација и погрешни политики, а денес можеме со право да кажеме дека таа обврска се исполнува и дека резултатите се веќе видливи. Тој неодамна беше избран за член Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, која функција беше мотив плус за интервјуто, но и за низа актуелни теми што ги засегаат граѓаните.

1. Неодамна бевте избрани за член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Што претставува оваа доверба за Вас лично и политички?

Одговор: Пред сè, оваа доверба ја доживувам со голема чест, гордост и чувство на одговорност. Да се биде дел од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е признание кое секој искрен член на партијата го доживува како обврска да работи уште повеќе и уште поодговорно за граѓаните и за државата.

Посебно ми значи што оваа доверба доаѓа по предлог на претседателот Христијан Мицкоски, човек со кого во изминатите години заеднички поминавме низ многу предизвици и покажавме дека со работа, принципиелност и јасна визија може да се врати надежта кај граѓаните и да се создадат услови за напредок на Македонија.

Овој избор не го доживувам само како лично признание. Напротив, го гледам како признание за сето она што заеднички го создававме во Гази Баба во изминатите години. Имав чест осум години да го предводам Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба, организација која стана препознатлива по своето единство, дисциплина, посветеност и победнички дух. Резултатите што ги постигнавме се производ на тимска работа, на довербата меѓу луѓето и на искрената посветеност кон идејата за подобра Македонија.

Затоа оваа доверба ја споделувам со секој член, активист и поддржувач кој беше дел од тој процес. Со сите оние кои останаа цврсти и кога беше најтешко, кои несебично го вложуваа своето време и енергија и кои веруваа во вредностите што ги застапуваме.

Истовремено, свесен сум дека оваа функција носи и голема одговорност. Одговорност да се носат правилни одлуки, да се работи во интерес на државата и народот и да се оправда довербата што е дадена. Македонија денес има историска можност за развој, економски напредок и институционална стабилност, а наша обврска е да останеме обединети, фокусирани и посветени на резултати.

Јас и понатаму ќе останам истиот човек кој е меѓу граѓаните, кој ги слуша нивните потреби и кој верува дека најголемата сила на ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш била во народот. Ова не го гледам како врв на едно политичко патување, туку како почеток на нова обврска и нова мисија – да работам уште повеќе, уште поодговорно и уште попосветено за партијата, за државата и за секој граѓанин.

Курир

2. Како ја доживувате можноста од позиција на градоначалник да бидете дел и од највисокото партиско раководство? Колку локалното искуство може да придонесе во креирањето на националните политики?

Одговор: Сметам дека токму локалната самоуправа е најдобрата школа за политика, бидејќи таму секојдневно сте лице в лице со реалните проблеми, потреби и очекувања на граѓаните. Како градоначалник немате луксуз да се занимавате само со политички пораки или теоретски концепти. Граѓаните очекуваат конкретни решенија, видливи резултати и исполнети ветувања.

Во изминатите години, работејќи како градоначалник на Гази Баба, научив дека успешните политики секогаш почнуваат од потребите на луѓето. Без разлика дали станува збор за инфраструктура, образование, урбанизам, животна средина или локален економски развој, најдобрите решенија се оние што произлегуваат од директна комуникација со граѓаните.

Токму затоа верувам дека присуството на луѓе со локално искуство во највисоките партиски и државни структури е од особено значење. Локалната самоуправа најдобро ги препознава предизвиците со кои се соочуваат граѓаните во секојдневниот живот и може да понуди практични и реално остварливи решенија при креирањето на националните политики.

Мојата предност е што политиката не ја гледам само низ институционална или партиска призма, туку и низ призмата на секојдневните потреби на граѓаните. Верувам дека токму таквиот пристап е неопходен ако сакаме да градиме ефикасна држава, силни институции и политики кои ќе носат реални резултати.

Во таа насока, моето учество во Извршниот комитет го гледам како можност искуствата и добрите практики од локалното ниво да бидат дел од пошироките стратешки политики на партијата и на државата. Убеден сум дека Македонија може да напредува само ако постои силна поврзаност меѓу локалната и централната власт, затоа што развојот на државата започнува токму во општините, во населените места и меѓу граѓаните.

Курир

3. Кои ќе бидат Вашите главни приоритети како член на Извршниот комитет во периодот што следува?

Одговор: Мојот главен приоритет ќе биде да придонесам кон зачувување на единството, стабилноста и победничкиот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ, но и кон реализација на политиките и реформите кои граѓаните ги очекуваат од нас.

Денес ВМРО-ДПМНЕ не е само опција која ветува промени, туку политичка сила која има одговорност да испорача резултати. Токму затоа сметам дека во периодот што следува нашиот фокус мора да биде насочен кон исполнување на ветеното, зајакнување на институциите, економски развој, подобар животен стандард и враќање на довербата на граѓаните во државата.

Лично, како човек кој доаѓа од локалната самоуправа, ќе се залагам гласот на општините и реалните потреби на граѓаните да бидат силно застапени во процесот на креирање политики. Убеден сум дека најдобрите решенија се оние што произлегуваат од непосредното искуство и од секојдневната комуникација со луѓето.

Посебно внимание ќе посветам на политиките што се однесуваат на рамномерниот регионален развој, поддршката на општините, младите, семејствата и создавањето услови за економски раст и нови инвестиции. Македонија мора да стане држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина, а секој граѓанин ќе има можност за достоинствен живот и личен напредок.

Воедно, сметам дека партијата мора постојано да се развива, да создава нови кадри, да ги отвора вратите за млади и стручни луѓе и да остане цврсто поврзана со граѓаните. Силата на ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш била во народот, во членството и во способноста да ги препознае и решава проблемите на граѓаните.

Најважно од сè, ќе работам посветено за да ја оправдам довербата што ми е укажана. Функциите сами по себе не се цел, туку средство преку кое можеме да создадеме повеќе вредност за државата и подобра иднина за нашите граѓани. Тоа е обврската што ја чувствувам и тоа ќе биде мојот водечки принцип во работата како член на Извршниот комитет.

Курир

4. ВМРО-ДПМНЕ денес ја предводи Владата со силен легитимитет од граѓаните. Како ја оценувате досегашната работа и кои се најважните резултати што веќе се видливи?

Одговор: Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја доби довербата од граѓаните со јасна обврска – да ја стабилизира државата, да ги придвижи институциите и да започне реални промени по години на стагнација и погрешни политики. Денес можеме со право да кажеме дека таа обврска се исполнува и дека резултатите се веќе видливи.

За релативно краток период се реализираа политики и мерки кои граѓаните одамна ги очекуваа. Се работи интензивно на реализација на капитални инвестиции во патната, железничката, образовната и комуналната инфраструктура, се обезбедуваат средства за развој на општините, а државата повторно станува активен партнер на локалната самоуправа.

Особено значајно е што Владата покажа силна посветеност кон економијата. Се работи на привлекување нови инвестиции, отворање работни места и создавање подобри услови за стопанството. Истовремено, се преземаат мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните преку зголемување на платите, пензиите и поддршката за најранливите категории.

Она што граѓаните најмногу го препознаваат е разликата во пристапот. Денес има енергија, има динамика и има чувство дека институциите работат. Се носат одлуки, се реализираат проекти и се решаваат проблеми кои со години биле оставани на страна.

Како човек кој доаѓа од локалната самоуправа, можам да кажам дека особено важна е поддршката што Владата ја дава на општините. За првпат по подолг период гледаме сериозна определба за рамномерен развој и за реализација на проекти кои директно го подобруваат животот на граѓаните во секој град и секое населено место.

Секако, никој не тврди дека сите проблеми се решени. Наследените предизвици се големи и потребно е време за целосно да се надминат. Но важно е што Македонија денес се движи во вистинска насока. Наместо застој, имаме развој. Наместо празни ветувања, имаме конкретни проекти. Наместо изговори, имаме работа и резултати.

Убеден сум дека како што ќе одминува времето, ефектите од политиките на Владата ќе бидат уште повидливи и граѓаните ќе ги чувствуваат сè повеќе во својот секојдневен живот.

Курир

5. Борбата против корупцијата беше едно од клучните ветувања пред граѓаните. Дали сметате дека државата конечно влегува во период на вистинска институционална одговорност?

Одговор: Борбата против корупцијата не смее да биде само политичко ветување, туку континуиран процес во кој институциите мора да покажат дека законот важи подеднакво за сите. Граѓаните со право очекуваат правда, отчетност и одговорност, без разлика за кого станува збор.

Морам да кажам дека во изминатиот период гледаме значително поактивно постапување на институциите задолжени за откривање и процесуирање на криминалот и корупцијата. Министерството за внатрешни работи постапува по конкретни случаи, Финансиската полиција работи на откривање злоупотреби и незаконски дејствија, а јавноста секојдневно е сведок на активности кои покажуваат дека никој не треба да биде недопирлив пред законот.

Тоа е важен сигнал дека државата почнува да функционира поинаку и дека институциите ја преземаат својата улога. Но, исто така мора да бидеме искрени и да кажеме дека најслабата алка во целиот овој процес останува правосудниот систем.

За жал, токму таму довербата на граѓаните е најниска. Години наназад се создаваше чувство дека правдата не е еднаква за сите, дека постојат двојни стандарди и дека одредени случаи завршуваат без соодветна разрешница. Тоа создаде огромно разочарување кај граѓаните и сериозно ја наруши довербата во институциите.

Затоа сметам дека вистинската борба против корупцијата нема да биде комплетна ако паралелно не се спроведат суштински реформи во правосудството. Не е доволно само институциите да откриваат случаи и да поднесуваат пријави. Потребно е тие случаи да добијат правична, ефикасна и навремена судска разрешница.

Државата дефинитивно влегува во период во кој се испраќа порака дека никој не смее да биде над законот. Но за таа порака целосно да биде прифатена од граѓаните, неопходно е и правосудниот систем да покаже поголема ефикасност, независност и одговорност. Само така може да се врати довербата и да се создаде чувство дека правдата навистина функционира.

Курир

6. Економскиот развој останува меѓу најважните приоритети. Кои политики се неопходни за привлекување инвестиции, отворање нови работни места и подобрување на животниот стандард?

Одговор: Економскиот развој е основата врз која се гради стабилна и успешна држава. Без силна економија нема повисоки плати, нема нови работни места, нема квалитетни јавни услуги и нема перспектива за младите. Затоа сосема оправдано економијата е еден од највисоките приоритети на Владата.

За да привлекуваме нови инвестиции, најпрво мора да обезбедиме предвидлива и стабилна деловна средина. Инвеститорите сакаат сигурност, ефикасна администрација, брзи процедури и јасни правила на игра. Државата мора да биде партнер на стопанството, а не пречка за неговиот развој.

Во исто време, неопходни се сериозни инвестиции во инфраструктурата. Патиштата, железницата, енергетските капацитети, индустриските зони и дигиталната инфраструктура не се само развојни проекти, туку предуслов за нови инвестиции и отворање работни места. Затоа особено ме радува што денес гледаме силен инвестициски циклус и реализација на капитални проекти низ целата држава.

Поддршката на домашните компании е подеднакво важна како и привлекувањето странски инвестиции. Македонските претпријатија создаваат најголем дел од работните места и затоа заслужуваат силна институционална поддршка, полесен пристап до финансии и услови за раст и развој.

Посебно значење има и вложувањето во човечкиот капитал. Денес конкуренцијата не се води само со евтина работна сила, туку со знаење, иновации и квалификувани кадри. Затоа образованието мора да биде тесно поврзано со потребите на пазарот на трудот, а младите да добијат можност својата иднина да ја градат тука, во Македонија.

Кога зборуваме за животниот стандард, најдобрата социјална политика е силната економија. Отворањето добро платени работни места, растот на платите, поддршката на стопанството и новите инвестиции се најсигурниот пат кон подобар и поквалитетен живот за граѓаните.

Убеден сум дека Македонија има огромен потенцијал. Имаме стратешка позиција, вредни луѓе и сериозни можности за развој. Со правилни економски политики, политичка стабилност и силни институции, можеме да создадеме услови за забрзан економски раст и значително подобрување на животниот стандард во годините што следуваат.

7. Како да се обезбеди рамномерен регионален развој и поголема поддршка за општините во реализација на капитални проекти?

Одговор: Рамномерниот регионален развој е едно од клучните прашања за секоја сериозна држава, затоа што квалитетот на живот не смее да зависи од тоа во кој град или општина живее граѓанинот. Токму затоа политиките во оваа насока мора да бидат континуирани, системски и праведни.

Она што е особено важно да се истакне е дека оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ обезбедува најголема финансиска поддршка за општините за реализација на капитални проекти во историјата на државата. За првпат после подолг период, општините имаат реална и силна поддршка од централната власт за реализација на проекти кои директно го подобруваат секојдневието на граѓаните.

Денес Македонија буквално може да се нарече едно големо градилиште. Се работи на инфраструктурни проекти, комунална инфраструктура, локални патишта, водоводи, канализации, училишта, градинки и низа други капитални инвестиции кои се реализираат истовремено во различни делови од државата.

Она што е најважно е дека повеќе не зборуваме за заборавени општини. Напротив, пристапот е рамномерен и инклузивен – секоја општина има можност да аплицира, да добие поддршка и да реализира проекти кои се од суштинско значење за граѓаните. Тоа е суштинска промена во однос на претходниот период.

Како човек кој доаѓа од локалната самоуправа, можам да потврдам дека ваквиот пристап е клучен за вистински развој на државата. Општините се првата линија на контакт со граѓаните и токму таму најбрзо се чувствуваат резултатите од добрите политики.

Затоа сметам дека продолжувањето на оваа политика на силна финансиска поддршка за општините, заедно со транспарентна и праведна распределба на средствата, е најдобриот пат кон рамномерен регионален развој и кон држава во која секој граѓанин ќе има еднакви услови за живот, без разлика каде живее.

8. Демографските предизвици и иселувањето на младите се едни од најсериозните прашања за иднината на државата. Кои мерки се потребни за младите да ја градат својата иднина во Македонија?

Одговор: Демографските предизвици и иселувањето на младите се едни од најсериозните прашања за иднината на Македонија и затоа младите мора да бидат приоритет број еден во секоја државна политика. Без задржување и поддршка на младите, ниту една стратегија за развој не може да биде долгорочно одржлива.

Затоа клучно е државата да води политики кои не се декларативни, туку конкретни и мерливи. Во таа насока, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ активно работи на намалување на невработеноста и отворање нови работни места, со посебен фокус на младите. Преку Оперативните планови за вработување се зголемуваат средствата, се прошируваат мерките и се таргетираат токму младите категории.

Само за илустрација, средствата за Оперативниот план за вработување во 2025 година се зголемени за 7,5 милиони евра во однос на 2024 година, што е јасен сигнал за зголемена државна посветеност кон пазарот на труд и младите луѓе. Во рамките на планот се воведоа и нови, таргетирани мерки за младите, особено преку програмата за самовработување со грант, каде беа вклучени над 2.600 лица, од кои речиси 1.500 млади до 29 години, при што се отворија околу 2.200 нови правни субјекти.

Овој пристап продолжува и во 2026 година, каде Оперативниот план е во вредност од речиси 40 милиони евра и предвидува опфат на над 10.000 лица, од кои најголем дел повторно се млади до 29 години. Само во рамките на мерките се предвидува вклучување на околу 6.000 млади лица, како и дополнителна поддршка за вработување на млади во производните капацитети, каде за околу 3.500 млади до 23 години е обезбеден младински додаток од 3.000 денари.

Истовремено, преку мерките за самовработување и поддршка за нови работни места се очекува отворање на повеќе од 3.500 нови работни места, што директно значи нова шанса за младите да останат и да ја градат својата иднина во Македонија. Дополнително се вложува и во обуки, практикантства и унапредување на вештини, со цел полесна интеграција на младите на пазарот на труд.

Но демографската политика не е само економско прашање. Таа е национално и стратешко прашање. Без стабилна демографска структура, секој економски или институционален напредок станува тешко одржлив на долг рок.

Затоа, покрај економските мерки, потребни се и пошироки политики за подобар квалитет на живот, поддршка на младите брачни парови, пристапно домување, квалитетно образование и сигурна здравствена заштита. Само со ваков интегриран пристап можеме да создадеме услови младите да ја гледаат својата иднина тука, во сопствената држава.

Целта мора да биде јасна – Македонија да стане држава во која младите не размислуваат да заминат, туку да останат, да создаваат семејства, да отвораат бизниси и да ја градат својата иднина дома.

9. Кои треба да бидат клучните национални и државни приоритети во надворешната политика во наредните години?

Одговор: Клучните приоритети во надворешната политика на Македонија мора да произлегуваат од нашите стратешки државни интереси, а тоа пред сè значи стабилност, економска соработка и јасна европска перспектива.

Нашата стратешка цел останува членството во Европската Унија. Тоа е процес кој трае долги години и кон кој државата има вложено огромни напори и направено значајни отстапки. Сепак, реалноста е дека тој процес денес е блокиран, од една страна поради позициите на една земја членка на ЕУ, а од друга страна и како последица на претходни политики кои не обезбедија доволно силни и предвидливи гаранции за европската интеграција.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ во тој контекст е јасен – Македонија во изминатиот период направи многу отстапки, но за жал не доби соодветна гаранција, ниту видлив напредок на европскиот пат. Затоа во иднина е неопходен поинаков пристап, базиран на јасни правила, предвидливост и реални гаранции дека процесот на интеграција нема да биде предмет на билатерални блокади и политички условувања.

Покрај европската агенда, надворешната политика мора да биде фокусирана и на јакнење на регионалната соработка, економската дипломатија и привлекувањето инвестиции. Во еден глобално нестабилен свет, Македонија мора да гради предвидливи и стабилни односи со сите партнери, но секогаш водејќи се од сопствените национални интереси.

Посебно важно е да се зајакне економската дипломатија, односно надворешната политика да биде во функција на отворање нови пазари, нови инвестиции и подобри услови за македонските компании. Тоа директно се одразува врз економскиот развој и животниот стандард на граѓаните.

Во суштина, надворешната политика мора да биде комбинација од јасна европска ориентација, заштита на националното достоинство, економски прагматизам и регионална стабилност. Само со таков избалансиран пристап Македонија може да ја зацврсти својата позиција и да обезбеди предвидлива и сигурна иднина.

10. ВМРО-ДПМНЕ најавува нова енергија, нови политики и кадровско освежување. Што ќе значи тоа во пракса за граѓаните?

Одговор: Новата енергија, новите политики и кадровското освежување не се само политички пораки, туку суштинска промена во начинот на кој се управува државата и се носат одлуки. Во пракса, тоа значи поефикасни институции, побрза реализација на проекти и поголема отчетност пред граѓаните.

Кога зборуваме за нова енергија, пред сè мислиме на пристап во кој резултатите се ставаат пред политичките калкулации. Граѓаните не очекуваат изговори, туку решенија – и токму тоа е суштината на оваа промена.

Кадровското освежување значи отворање простор за луѓе со знаење, интегритет и работни резултати, без разлика дали доаѓаат од локалната самоуправа, стопанството или други области. Тоа е процес на внесување нова динамика и поголема одговорност во системот.

Во пракса, граѓаните тоа ќе го почувствуваат преку подобра услуга од институциите, поефикасна администрација, побрза реализација на инфраструктурни проекти и подобра координација меѓу државните и локалните власти. Особено важно е што општините добиваат посилна улога и поддршка, што директно се одразува на квалитетот на живот во секоја заедница.

Новите политики треба да значат и поголема транспарентност, намалување на бирократијата и јасна насоченост кон економски развој, инвестиции и подобар животен стандард. Тоа се мерливи работи што граѓаните ги чувствуваат секој ден – во инфраструктурата, услугите, работните места и стабилноста на системот.

На крај, суштината на оваа промена е едноставна: државата да работи за граѓаните, а не граѓаните да чекаат на државата. Тоа е најголемата разлика што новиот пристап треба да ја донесе во пракса.

11. Каде ја гледате Македонија во 2030 година доколку успешно се реализираат реформите и развојните политики што денес се поставуваат?

Одговор: Гледано до 2030 година, ако реформите и развојните политики кои денес се поставуваат бидат доследно и успешно реализирани, Македонија ја гледам во период на стабилен и забрзан развој, со јасно дефинирана европска перспектива и значително подобрен квалитет на живот за граѓаните.

Тоа би бил период во кој државата конечно ќе ги почувствува резултатите од структурните промени – посилна економија, поголем број инвестиции, подобро платени работни места и поефикасни институции. Македонија треба да стане држава во која младите ќе гледаат реална шанса за иднина, а не потреба да бараат живот надвор од неа.

Верувам дека ова е историска можност за Македонија – период во кој можеме да се развиваме, да напредуваме и да ги оствариме нашите стратешки цели, пред сè економскиот развој, институционалната стабилност и европската интеграција.

Во тој контекст, до 2030 година Македонија треба да биде земја со појасна институционална функционалност, намалена корупција, подобра администрација и силно партнерство меѓу државата и локалната самоуправа. Тоа се предуслови без кои нема одржлив развој.

Особено важно е државата да биде рамномерно развиена, со силни региони и општини, каде секој граѓанин ќе има пристап до основни услуги, инфраструктура и можности за економски напредок, без разлика каде живее.

Ако оваа динамика продолжи, верувам дека 2030 година може да ја дочекаме како држава која е стабилна, економски појака и институционално посигурна, со јасна европска перспектива и со општество кое има повеќе доверба во сопствената иднина.