Француската суперѕвезда Килијан Мбапе блеска на Светското првенство 2026, а вечерва против Ирак би можел да стигне до уште еден значаен јубилеј во својата кариера.

Доколку настапи во вториот натпревар на Франција на Мундијалот, напаѓачот на Реал Мадрид ќе го запише својот 100-ти настап за сениорската репрезентација на Франција.

Мбапе беше еден од најзаслужните за победата на Франција од 3:1 против Сенегал во првото коло, постигнувајќи два гола. Со тие погодоци го надмина Оливие Жиру и стана најдобар стрелец во историјата на француската репрезентација.

Воедно го престигна и Жист Фонтен на вечната листа на француски стрелци на Светските првенства. Мбапе сега има 14 голови на мундијалите и е на само два погодоци од апсолутниот рекорд што заеднички го држат Мирослав Клосе и Лионел Меси со по 16 голови.

Својот прв настап за Франција Мбапе го имаше на 25 март 2017 година во квалификациски натпревар за Светско првенство против Луксембург. Само девет години подоцна е на чекор до бројката од 100 настапи.

Во досегашната репрезентативна кариера има одиграно:

  • 15 натпревари на Светски првенства (14 гола и 2 асистенции)
  • 16 натпревари во квалификации за Светско првенство (11 гола и 5 асистенции)
  • 9 натпревари на Европски првенства (1 гол и 2 асистенции)
  • 13 натпревари во квалификации за Европско првенство (12 гола и 8 асистенции)
  • 21 натпревар во Лигата на нации (9 гола и 5 асистенции)
  • 25 пријателски натпревари (11 гола и 12 асистенции)
  • Доколку настапи против Ирак, Мбапе ќе стане и четвртиот најмлад европски фудбалер што стигнал до 100 настапи за својата репрезентација.

Со 27 години и 184 дена, пред него ќе останат само Серхио Рамос од Шпанија (26 години и 357 дена), Лукас Подолски од Германија (27 години и 13 дена) и Кристен Виикме од Естонија (27 години и 109 дена).

Со оглед на возраста, Мбапе има реална можност во иднина да го нападне и рекордот на Уго Љорис, кој со 145 настапи е рекордер по бројот на одиграни натпревари за Франција.

Интересно е што до крајот на ова Светско првенство, Мбапе би можел да го надмине и својот селектор Дидие Дешан, кој како фудбалер собра 103 настапи за „триколорите“.