Би сакал наследникот на британскиот премиер Кир Стармер да обезбеди континуитет на патот кон обновување на билатералните односи меѓу Велика Британија и ЕУ – изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на прес-конференција по соопштувањето на оставката на Стармер.

– Со нетрпение го очекувавме нашиот следен билатерален состанок, но сега ќе мора да го одложиме и во моментов проценуваме кога би можела да се одржи новата средба – посочи Кошта.

Тој додаде дека длабоко ја цени заедничката работа со премиерот Стармер, со кого, како што рече, „отворивме ново поглавје со обновувањето на билатералните односи“. Кошта потсети дека минатата година, првпат по повлекувањето на Велика Британија од ЕУ, британски премиер учествувал на состанок со своите колеги во Брисел.

Стармер работеше на воспоставување силна врска меѓу неговата земја и ЕУ, заснована на доверба, дополни на истата прес-конференција претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

– Очекувам обновување на силните и одржливи врски со граѓаните на Велика Британија, рече таа.

Кошта и Фон дер Лајен ја коментираа оставката на Стармер на денот кога британскиот премиер ја напушти функцијата, а истражувањето на Европскиот совет за надворешни односи покажа дека повеќето негови сонародници се разочарани од повлекувањето од ЕУ пред 10 години. Според податоците, дури две третини од британските гласачи денес сметаат дека напуштањето на ЕУ довело до негативни последици.