Кирил МИНОСКИ

(авторот е поранешен министер за финансии)

Еден од најстарите економски концепти за раст на бруто-домашниот производ е оној според кој потрошувачката е двигател на економскиот раст. Овој концепт се базира на кејнзијанската економска теорија, според која кога граѓаните повеќе трошат, компаниите произведуваат повеќе, се отвораат нови работни места и се создава нов доход, што повторно ја поттикнува личната потрошувачка. Овој пристап е во основата на бројни економски политики, особено кај социјалдемократските и центристичките политички опции кои ја нагласуваат улогата на државата во стимулирањето на домашната побарувачка.
Главното прашање што се наметнува е: дали растот базиран претежно на потрошувачка е одржлив?

Историјата покажува дека потрошувачката може да биде добар краткорочен двигател на растот, но ретко е доволна за одржлив долгорочен развој. Доколку растот не е придружен со инвестиции, технолошки напредок, зголемување на продуктивноста и извозна конкурентност, економијата постепено се соочува со сериозни ограничувања.

Главните слабости на ваквиот модел се:
• создавање трговски дефицити како резултат на зголемениот увоз;
• раст на задолженоста на државата и домаќинствата;
• зголемување на инфлаторните притисоци;
• ограничен раст на продуктивноста;
• зависност на економскиот раст од дознаките од странство, кредитите и јавната потрошувачка.

Македонската економија со години покажува карактеристики на модел кој во значителна мера се потпира на личната потрошувачка. Јавната потрошувачка, растот на платите и дознаките од странство ја поттикнуваат домашната побарувачка, но истовремено остануваат присутни хроничниот трговски дефицит, ниската продуктивност и недоволното ниво на домашни инвестиции.

Затоа клучното прашање не е дали потрошувачката е важна – таа несомнено е. Прашањето е дали успеваме да изградиме модел во кој потрошувачката ќе биде резултат на создадена вредност, а не главен извор на економскиот раст.
Одржливиот економски раст секогаш се темели на инвестиции, продуктивност, иновации и конкурентен извоз. Ниту една земја не станала богата затоа што повеќе трошела. Станала богата затоа што повеќе произведувала, инвестирала и извезувала.

За тоа да се случи, неопходни ни се нови развојни концепти, нов систем на вредности, институции што испорачуваат резултати и луѓе подготвени да создаваат, а не само да трошат.