Повеќе од три децении се најавуваше и конечно сега Белград ќе добие гробишта за домашни миленичиња, пишува српски Курир. Гробиштата ќе бидат во Блок 51 и ќе има место за погребување на 2.300 миленичиња на површина од 1,54 хектари.
– Идејното решение е веќе усвоено, а во тек е изработка на техничка документација. Изведувачот на работите би можело да биде избран наесен, по ребалансот на буџетот во јули, и се очекува тогаш да почне и изградбата, изјави Милутин Фолиќ, главен урбанист на Белград.
Гробиштата ќе бидат уредени според светски стандарди и ќе бидат поделени во три целини. Првата целина ќе биде административна зона, втората ќе биде за погребување, а третата ќе биде крематориум, каде што ќе биде сместен и објектот за управување со телата на животните.
Предвидено е шумско-парковски гробишта, со пешачки патеки. Просторот за погреби ќе има и плоштад за испраќање, парцели за розариуми (касети за чување на урната на земја) и колумбариуми (касети на ѕид). Исто така ќе има парцели за гробови во низа и простор за заедничко погребување. Планиран е и „Меморијален парк“ со ружи.
Сопствениците на миленици ќе може да избираат три типа гробни места, во зависност од големината на миленикот.
– Неопходни ни се гробишта за домашни миленици. Кога со него ќе поминете 15 години, миленикот станува дел од семејството. Верувам дека Белград ќе биде пример и за другите градови. Досега некои милениците ги носеа на спалување или во комуналното претпријатие, а други ги погребуваа кај пријатели или роднини на село. Парковите станаа вистински гробници на домашни миленичиња, но тоа е забрането со закон и лошо за животната околина, вели Елвир Буразеровиќ од ОРЦА, организација за добробит на животните и заштита на животната средина.
Гробиштата ќе бидат уредени и ќе располагаат со 1.500 гробни места, од кои 800 за урни, 21 место за паркирање и две паркинг места за лица со инвалидитет.
Во главниот град на Србија има и диви гробишта за домашни миленичиња, а најмногу има во околината на Белград. Најмногу миленици се погребани во Миљаковачка шума, на Ада, на Савски и на Дунавски кеј.