Галеријата „Аполон“ во парискиот музеј Лувр, од каде што беше украден накит вреден 88 милиони евра, од утре повторно ќе биде отворена за посетители.

„Галеријата ќе биде отворена во среда“, изјавил добро информиран извор, потврдувајќи ги информациите објавени во весникот „Ле Паризиен“, додавајќи дека на отворањето ќе присуствува министерката за култура, Катрин Пегар.

Директорот на Музејот, Кристоф Лерибо, во интервју за „Ле Паризиен“ изјавил дека колекциите и вредните предмети што претходно биле изложени во галеријата се отстранети.

Во октомври минатата година крадци преправени во градежни работници влегоа во галеријата користејќи кран поставен на камион. Тие притоа украле осум предмети од францускиот крунски накит, предмети што и понатаму се водат како исчезнати.

Лерибо уште истакна дека скапоценостите што не беа украдени во грабежот ќе бидат поставени во посебно обезбедена просторија – трезор без прозорци.

Кражбата во Лувр предизвика голем шок во светот и откри сериозни пропусти во безбедносниот систем на најпосетуваниот музеј во светот што годишно го посетуваат околу девет милиони луѓе.

Инцидентот предизвика и внатрешна криза во Музејот, по што беше сменета директорката, Лоренс де Кар.