Ирак од април досега извезе 2,1 милион тони нафта по копнен пат преку Сирија, а оттаму преку Медитеранот кон Европа, поради блокадата на Ормуската Теснина.

Ахмед Кубаџи, заменик-претседател на сириската државна нафтена компанија, ги откри овие детали во интервју за весникот „Д Нешнал“ (The National), објавено денеска.

Како што пренесува ДПА, тој рече дека бројот на цистерни се зголемил од првичните 10 на 1.000 дневно, а извозот се состои од тешко гориво (мазут).

Поради повремената блокада на морската рута, земјите со излез на Персискиот Залив со месеци се обидуваат да најдат алтернативни начини за пласман на нафтата и нафтените деривати на светскиот пазар. Неколку стари и нови нафтоводи од регионот кон Црвеното Море и Медитеранот се или во функција или во фаза на планирање.

Ирак е силно зависен од трговијата со нафта. Во нормални околности, извозот чини повеќе од 90 проценти од државните приходи. Заедно со Турција, низ која минуваат нафтоводи, Сирија стана важен транзитен центар.

Копнената рута од Ирак преку соседна Сирија е поскапа и логистички покомплицирана од морската – а воедно и опасна поради можни напади и заседа врз возачите.

Сирија исто така игра значајна улога и во транспортот преку нафтоводи. „Не нужно како замена за Ормуската Теснина, туку како клучен транзитен коридор за испорака на енергенси од заливските земји и Ирак кон меѓународните пазари“, рече Кубаџи. „Не сакаме да ја оспориме улогата на никого. Напротив, се обидуваме да ја вратиме природната улога на Сирија.“

Во Сирија 13 години беснееше граѓанска војна, која заврши со соборувањето на долгогодишниот владетел Башар ал-Асад во декември 2024 година.