Динамиката за реализација на актуелните проектни активности на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), хармонизирањето на правната регулатива со европските стандарди, како и идните планови и проекти во енергетскиот сектор, беа во главниот фокус на денешната средба меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска и вршителката на должност амбасадор на Соединетите Американски Држави во земјава, Никол Варнс.
Потенцирајќи ја важноста на стратешките проекти во енергетиката, информираат од МЕРМС, вршителката на должност амбасадор на САД, Варнс ги истакна напорите на министерката Божиновска и Министерството насочени кон енергетска независност на земјата, кои, како што беше посочено, се клучни за создавање услови за стабилна и просперитетна држава.
Министерката Божиновска на средбата информираше за текот на градежните работи во врска со изведбата на гасниот интерконектор со Грција, што се очекува да финишира во текот на 2027 година, а беше дискутирано и за гасното поврзување со Србија, коешто се одвива со забрзана динамика.

Овие два проекти министерката ги оцени како стратешки, нагласувајќи дека тие ќе ја променат енергетската слика во регионот. Дополнително, тема на разговор беше и официјалното приклучување на Македонија кон Вертикалниот гасен коридор во септември, коешто е една од најзначајните европски иницијативи за диверзификација на снабдувањето со природен гас и зајакнување на енергетската стабилност во Југоисточна, Централна и Источна Европа со што се обезбедува стабилна позиционираност на нашата земја во глобални рамки.
-Инвестицијата во енергетиката е инвестиција во иднината. Работиме забрзано на реализација на енергетските проекти, но и на обврските согласно Реформската агенда. Се поврзуваме енергетски со регионот, а со тоа и со светот. Придобивките од проектите на коишто работиме ќе бидат видливи и опипливи, во корист на граѓаните и државата- порача министерката Божиновска на состанокот.
На средбата беше потенцирана и важноста на Стратешкото партнерство меѓу двете земји, со истакнување на заложбите за понатамошно продлабочување на взаемната соработка, како и заедничките напори за промоција на демократските вредности.




