Унапредувањето на билатералната соработка во земјоделството, зголемувањето на трговската размена и европските интегративни процеси беа главните теми на средбата меѓу министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски и амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), на средбата биле потврдени пријателските односи меѓу двете земји, при што посебно внимание било посветено на можностите за проширување на трговската размена со нови земјоделски и прехранбени производи.

Соговорниците разговарале за подобро поврзување на деловните субјекти од двете држави, промоција на македонските производи на словачкиот пазар и создавање услови за нови трговски партнерства.

– Посебно внимание беше посветено на трговската размена и на можностите за нејзино зголемување и проширување со нови земјоделски и прехранбени производи. Беше разговарано и за подобро поврзување на деловните субјекти од двете земји, промоција на македонските производи на словачкиот пазар и создавање услови за нови трговски партнерства. На средбата стана збор и за европските интегративни процеси, со акцент на усогласувањето на земјоделскиот сектор со европските стандарди и политики – стои во соопштението.

Во однос на европските интегративни процеси, акцентот бил ставен на усогласувањето на земјоделскиот сектор со европските стандарди и политики. Искуството на Словачка како земја членка на Европската Унија, се посочува во соопштението, е оценето како значајно за јакнењето на институционалните капацитети, примената на европските правила и подготовката на македонското земјоделство за заедничкиот европски пазар.

МИА