Милијардерот Џорџ Сорос го искористи годишниот говор на Светскиот економски форум во Давос, за да упати жесток напад кон Кина и нејзиниот претседател Си Џинпинг, пренесе Би-Би-Си.


Сорос предупреди дека вештачкиот интелект може да биде искористен за зајакнување на тоталитарната контрола во земјата, а ова сценарио претставувал „невиден напад”. „Кина не е единствениот тоталитарен режим во светот, но е најбогатиот, најсилниот и најнапреден во технологијата”, истакна 88-годишниот финансиер, кој има слични стравувања и за Русија под раководство на Владимир Путин.

„Сето тоа го прави Си Џинпинг најопасниот противник на отвореното општество“, рече Џорџ Сорос. Тој конкретно го потенцираше големиот кинески инвестициски проект „Едно појас, еден пат“, чија цел е зајакнување на трговијата со различни земји.

„Овој план е во интерес на Кина, а не и на другите земји и често странски владини службеници добиваат мито за да го промовираат”, рече Сорос.

Во реакција портпаролката на кинеското МНР Хуа Чунин посочи дека „слични изопачени тврдења се бесмислени и не вреди да се побиваат”.