Мексико и Перу денеска ги обновија дипломатските односи по повеќе од три години тензии предизвикани од смената и апсењето на поранешниот перуански претседател Педро Кастиљо во декември 2022 година, соопштија владите на двете земји.

Како дел од процесот на нормализација на односите, Перу ѝ одобри дозвола за безбедно напуштање на земјата на поранешната премиерка Бетси Чавес, по барање на мексиканската влада.

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум на својата редовна прес-конференција го поздрави обновувањето на дипломатските односи, оценувајќи дека тоа претставува важен чекор кон повторно воспоставување на односите меѓу двете земји.

Министерството за надворешни работи на Перу одделно соопшти дека на Чавес ѝ е одобрено безбедно напуштање на земјата врз основа на Каракаската конвенција за дипломатски азил од 1954 година, чии потписнички се двете држави. Перуанското Министерство нагласи дека ваквата одлука нема да ја спречи земјата да побара екстрадиција на Чавес доколку тоа го побараат надлежните судски органи.

– Владата на Перу категорично повторува дека нема политички прогон, се наведува во соопштението, во кое се додава дека земјата го почитува владеењето на правото, поделбата на власта и правото на соодветна законска постапка.

Перуанските власти наведуваат дека Чавес е осудена како соизвршител за заговор за извршување бунт, кривично дело против уставниот поредок според член 349 од Кривичниот законик на земјата. Министерството додаде дека против неа се води и истрага од Националното обвинителство поради сомневања за незаконско збогатување и прекршувања на уставниот поредок.

Перу го задржува правото да побара екстрадиција на Чавес врз основа на важечките билатерални и меѓународни договори, доколку такво барање биде поднесено од судските власти.

Министерството за надворешни работи соопшти и дека Перу продолжува да ги поттикнува консултациите во рамките на Организацијата на американските држави (ОАД), чија цел е да се спречат, како што ги нарече, изобличувањата во примената на дипломатскиот азил, истовремено зачувувајќи ја неговата првична намена.

Односите меѓу Мексико и Перу нагло се влошија откако тогашниот перуански претседател Педро Кастиљо во декември 2022 година се обиде да го распушти Конгресот, по што беше сменет од функцијата и уапсен. Мексико подоцна им даде азил на членови на семејството на Кастиљо, како и на Чавес, по што Лима ги намали дипломатските односи со Мексико на пониско ниво.