Товарен и патнички воз се судрија денеска меѓу станиците Свети Иван Жабно и Градец во близина на хрватскиот град Крижевци. Шест патници се тешко повредени, а 13 се полесно повредени, соопшти хрватското Министерство за здравство.

На патниците им е укажана медицинска помош во болниците Бјеловар и Копривница, а некои се префрлени во болниците во Загреб. Во патничкиот воз имало 26 патници, машиновозач и кондуктер. Причината за несреќата сè уште се утврдува.

Премиерот Андреј Пленковиќ изјави дека истрагата ќе покаже што е причината за сударот меѓу патничкиот и товарниот воз. Тој нагласи дека најважно е што во несреќата нема смртни случаи.

Според него, тешко повредените патници и машиновозачот на патничкиот воз се пренесени во загрепските болници, додека некои од повредените се згрижени во медицински установи во близина на местото на несреќата.