Прогласувањето епидемија на Западно-нилска треска во одредено место, значи дека е утврдено ширење на инфекцијата во таа област и дека ризикот за населението е поголем од вообичаено. Прогласувањето епидемија е пред сè јавно-здравствена и административна мерка за организирано справување со заразна болест, а не нужно знак дека постои непосредна опасност за населението. Тоа не значи дека сите жители се заразени, ниту автоматски значи дека местото е затворено или дека има карантин.
Прогласувањето епидемија кај нас е регулирано со Законот за заштита на населението од заразни болести во кој се утврдени мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести.
Во Член 56 од Законот се вели дека при појава на епидемија на подрачје за кое е основан завод за здравствена заштита епидемијата ја прогласува надлежниот завод. Во случај кога постои опасност, епидемијата и заразната болест да се шират и на други подрачја, Министерството прогласува епидемија и наложува мерки за нивно сузбивање.
Во Член 57, пак, се наведува дека во случај на епидемија, како и во случај на поголеми елементарни и други несреќи кои можат да предизвикаат појава на епидемија на заразна болест, можат да се наредат следниве времени мерки:
„1) обврска здравствените работници и здравствените соработници да вршат здравствена дејност во вонредни услови;
2) ограничување на правото на штрајк;
3) ставање на располагање и користење на работни и други простории, опрема, лекови и превозни средства за вршење на здравствена дејност;
4) одредување на посебни задачи на здравствените установи и
5) други мерки пропишани со овој закон.
Мерките од ставот 1 на овој член траат додека постои опасност од ширење на епидемија. Владата на Република Македонија на предлог на Министерството одлучува кои од мерките од ставот 1 на овој член ќе се применат и за кој временски период“.
Вообичаено по прогласувањето епидемија, здравствените власти го засилуваат епидемиолошкиот надзор и тестирањето; преземат мерки за спречување на понатамошно ширење; спроведат дезинсекција, ако станува збор за болест што ја пренесуваат комарци; даваат препораки или наредби за заштита на населението; обезбедуваат соодветни капацитети и ресурси во здравствените установи.
Бидејќи Западно-нилска треска ја пренесуваат заразени комарци, мерките може да вклучуваат засилена контрола и уништување на комарците, отстранување на места со застојана вода и препораки граѓаните да користат средства за заштита.
Епидемија на Западно-нилска треска од вчера е прогласена во скопските општини – Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден. Здравствените власти уверуваат дека нема место за паника и апелираат да се почитуваат мерките за лична заштита.
Во земјава, од почетокот на годината се евидентирани 26 пациенти заболени од Западно-нилска треска, а еден заболен починал.
МИА




