Борбени авиони од Мисијата на НАТО за воздушно патролирање рано утринава собориле дрон што навлегол во воздушниот простор на Летонија, соопштија летонските вооружени сили на социјалната мрежа „Икс“.
Летонската армија соопшти и дека е укината тревога што претходно била прогласена во делови од земјата во близина на границата со Русија.
Финска, исто така членка на ЕУ и НАТО и земја која дели граница со Русија, привремено воведе ограничувања за воздушниот и поморскиот сообраќај во источниот дел на Финскиот Залив како превентивна мерка поради можноста за појава на дронови, соопштија финските вооружени сили на „Икс“.
Летонската армија засега не соопштува детали за соборениот дрон, ниту за неговото потекло.
Земјите што се граничат со Русија и Украина периодично прогласуваат воздушна тревога и соборуваат дронови додека Москва и Киев продолжуваат со меѓусебните напади.
Во текот на ноќта Русија соопшти дека соборила 15 дронови над Ленинградската област, во близина на границата со Финска и Естонија. Инфомрацијата ја објави гувернерот на областа, Александар Дрозденко, на „Телеграм“.
Северните соседи на Русија што се членки на НАТО, ги засилија безбедносните мерки околу брани, електроцентрали и инфраструктурата за природен гас поради зголемените стравувања дека Москва би можела да изврши напади врз нив со употреба на дронови какви што користи украинската армија.




