Талибанските власти во Авганистан денеска одбележуваат пет години од доаѓањето на власт со воени дефилеа, собири и спортски манифестации, истакнувајќи ги „слободата и безбедноста“, додека Обединетите нации и меѓународните организации ги осудуваат сè построгите ограничувања на човековите права во земјата.
Точно пет години откако талибанските бунтовници влегоа во Кабул по хаотичното повлекување на силите предводени од САД, низ главниот град денеска дефилираа конвои со воена опрема и оклопни возила оставени од странските армии. Властите организираа и натпревари во крикет, од кои жените и девојките се целосно исклучени.
Иако талибанските власти воспоставија односи со повеќе држави, нивната влада досега официјално ја признава единствено Русија. Односите со соседниот Пакистан дополнително се влошија по годинашните воени судири, што ја продлабочи хуманитарната криза во земјата во услови на драстично намалување на меѓународната помош.
Обединетите нации и Комитетот за заштита на новинарите предупредуваат дека населението се соочува со сè построги рестрикции кои навлегуваат во секој аспект од секојдневниот живот, придружени со жестока репресија врз медиумите.
Најтешко се погодени жените и девојчињата, на кои им е забранет пристапот до средно и високо образование, јавни паркови и повеќето работни места.
МИА




