Европската Унија денеска испрати три хеликоптери и два авиона за гасење пожари во источниот дел на Белгија, откако земјата побара итна меѓународна помош за справување со најголемиот шумски пожар во својата историја – соопшти европската комесарка за управување со кризи, Хаџа Лахбиб.

Пожарот во областа Високи Фени, најголемото заштитено природно подрачје во Белгија, беснее од вчера, а во неговото сузбивање се вклучени локалните пожарникари, земјоделците и армијата. Помошта во летала пристигна од Чешка, Шведска и Холандија преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.

Според податоците од гувернерот на провинцијата Лиеж, огнот досега зафатил околу 1.600 хектари. Со тоа овој пожар го надмина оној од 2011 година, кога изгореа речиси 1.400 хектари, што според Европскиот информациски систем за шумски пожари (EFFIS) го прави најголем регистриран пожар во историјата на Белгија.

Белгија и поголем дел од Западна Европа оваа недела се погодени од петтиот топлотен бран ова лето, чии екстремно високи температури и суша создадоа поволни услови за брзо ширење на огнот.

МИА