Пожарот што избувна во близина на село Бибај е навреме локализиран и изгаснат благодарение на брзата и координирана реакција на вработените во ЈУ Национален парк „Маврово“.
Од Националниот парк информираат дека со интервенцијата било спречено понатамошно ширење на пожарот и загрозување на околната природна средина.
Според првичните сознанија, постои сомневање дека пожарот бил предизвикан од човечки фактор. Оттаму апелираат до жителите и посетителите на паркот на максимална внимателност и одговорно однесување при престој во природа, особено во периоди со зголемен ризик од пожари.
Граѓаните се повикуваат да не оставаат отпад и запаливи материјали и доследно да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од пожари.
„Навремената реакција спречува штета, но одговорното однесување го спречува пожарот“, порачуваат од ЈУ Национален парк „Маврово“.




