Германски град во близина на белгиската граница им препорача на жителите да се евакуираат, бидејќи голем шумски пожар во Белгија се шири кон Германија. Според соопштението на властите во градот Моншау, пожарот моментално е на 1,5 км од германската граница и на 1,8 км од најблиската населено место.
Пожарот, што уништи речиси 3.000 хектари шумска област, е еден од најголемите во историјата на Белгија.
Иако не се очекува пламените јазици да стигнат до германска територија, се очекува „сериозно загадување на воздухот поради чад“, предупредија властите на градот со околу 12.000 жители.
„Затоа беше одлучено да се препорача жителите на областите во близина на границата да ги напуштат овие области“, додадоа властите.
Белгиските власти веќе наредија евакуација на градот Кухелшајд.
Членките на ЕУ испратија три хеликоптери и два канадера за да и помогнат на Белгија во борбата против шумскиот пожар на истокот од земјата, откако белгиските власти побараа итно засилување за да го стават под контрола најголемиот пожар што ја зафатил земјата во изминатите децении.
Огнената стихија го зафати најголемиот природен резерват во Белгија, а пожарот таму е активен од петокот. Локалните пожарникари и војската стационирана таму се обидуваат да спречат ширење на пожарот.




