Енергетиката е една од најважните теми за секоја држава, но и тема која директно го засега секое семејство. Затоа определба на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е да обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија, да го зголеми домашното производство и да создаде услови за предвидливи и пониски трошоци за граѓаните и компаниите, се посочува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од денешната прес-конференција на Ангелинка Петкова, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе почнеме со цената на електричната енергија. И покрај тврдењата на опозициската СДС дека струјата ќе поскапи за цели 5 проценти, реалното зголемување изнесува 2,28 проценти и е најниско во Европа, вели Петкова.

Според неа, веќе трета година од мандатот цената на електричната енергија за граѓаните не само што не е значително поскапена, туку Владата со новиот Закон нашла решение со кое се отвора можност струјата за граѓаните да поевтини за 5 до 10 проценти.

Воедно, Владата донела мерки за субвенционирање на електричната енергија, со цел директно да го заштити стандардот на граѓаните и да спречи ценовен шок за домаќинствата, изјави таа.

Но, како што истакна Петкова, политиката на Владата не се сведува само на државна интервенција кога има притисок врз цените, туку долгорочното решение е зголемување на домашното производство на електрична енергија и намалување на зависноста од увоз.

Токму затоа, во април годинава домашното производство покрило 88,8 проценти од вкупната потрошувачка на електрична енергија во земјата. Тоа, како што наведе, претставува значаен чекор кон целта Македонија да стане нето-извозник на електрична енергија, односно на крајот од годината да произведува повеќе отколку што увезува.

Во исто време се работи на консолидација и подобрување на работењето на ЕСМ, на зголемување на акумулациите и на максимално искористување на постојните производствени капацитети, а овие активности се надополнуваат со нови инвестиции, вели Петкова.

Потпишани се договори за реализација на фотонапонската електрана „Битола 3“ и за ревитализација на хидроелектраните – Фаза 3, што претставуваат стратешки инвестиции во енергетскиот сектор во вкупна вредност од 97 милиони евра.

„Битола 3“ е важен чекор кон зголемување на производството од чисти извори, додека ревитализацијата на хидроелектраните покажува сериозна грижа за постојните капацитети и нивното подобро искористување, изјави таа.

Паралелно со тоа започнува изградбата на најголемиот ветерен парк во земјава, со 55 ветерници, кој ќе произведува електрична енергија за околу 100 илјади домаќинства. Станува збор за инвестиција на „Алказар Енерџи“ вредна половина милијарда долари.

Со потпишувањето на меморандум со „Казанџи Груп“, пак, се отвора простор за реализација на значаен стратешки проект вреден до една милијарда евра, инвестиција која, според Петкова, ќе има реално, практично и долгорочно влијание врз енергетскиот систем на државата.

Проектот предвидува три главни компоненти – развој на нови капацитети за производство на електрична енергија, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас и мерки за зголемување на сигурноста во снабдувањето со гас.

Со оваа инвестиција се отвораат нови можности за индустријата, се поддржува гасификацијата, се создаваат нови работни места и се зајакнува енергетската отпорност на државата, а истовремено преку развојот на домашни производствени капацитети се намалува зависноста од увоз и влијанието на надворешните ценовни и политички ризици, вели Петкова.

„Градиме енергетски систем кој ќе биде отпорен на кризи, флексибилен кон идните предизвици и усогласен со европските стандарди. Кога зборуваме за енергетика, не зборуваме само за струјата што ја плаќа едно семејство денес, туку зборуваме за тоа каква држава ќе имаме утре. Целта на Владата е Македонија да биде држава која произведува, која извезува и која има сигурен и стабилен енергетски систем“, изјави Ангелинка Петкова, се посочува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.