Украинската Врховна рада денеска ја одобри кандидатурата на Евгениј Хмара за нов министер за одбрана, откако за неговото именување гласаа 312 од вкупно 450 пратеници.

Хмара беше предложен за функцијата од претседателот Володимир Зеленски и ќе го замени Михајло Федоров, кој беше на чело на Министерството за одбрана шест месеци, од 14 јануари до 16 јули 2026 година.

Хмара е генерал-мајор на Службата за безбедност на Украина (СБУ) и професионален припадник на специјалните единици. Повеќе од 15 години служел во Центарот „А“ за специјални операции на СБУ.

За време на војната учествувал во низа воени операции, меѓу кои и во ослободувањето на Киевската Област, борбите во Доњецката Област и операцијата за ослободување на Змискиот Остров.

Во април 2023 година, украинскиот претседател го назначи Хмара за раководител на Центарот за специјални операции на СБУ за борба против тероризмот, заштита на учесниците во кривични постапки и припадниците на органите за спроведување на законот. По реорганизацијата, единицата беше преименувана во Центар „А“ за специјални операции на СБУ.

Во август 2023 година Хмара беше унапреден во чин бригаден генерал, а во јуни 2024 година во генерал-мајор.

Во август 2025 година го презеде раководењето со реорганизираниот Центар „А“ за специјални операции на СБУ.

Од 5 јануари до 17 јули 2026 година Хмара беше вршител на должноста директор на Службата за безбедност на Украина, на местото на Васил Маљук.

Во јули 2026 година премина во Министерството за одбрана и беше назначен за вршител на должноста министер за одбрана.

Меѓу неговите одликувања се ордените „Богдан Хмелницки“ од прв, втор и трет степен, како и претседателскиот „Крст за воени заслуги“.

На 14 јули Врховната рада ја одобри оставката на премиерката Јулија Свириденко. Со нејзината оставка автоматски поднесе оставка и целата влада.

Зеленски му наложи на Хмара да ја извршува функцијата министер за одбрана и најави дека по завршувањето на неопходните законски процедури ќе побара од Врховната рада да го поддржи неговото именување.

Со одобрение од Зеленски, владата денеска ги назначи Хмара и Андриј Сибиха за вршители на должноста министри за одбрана и за надворешни работи.

Протести во Киев

Демонстрантите во паркот Мариински во Киев, кои бараат Михајло Федоров повторно да биде поставен на чело на Министерството за одбрана, негативно реагираа на именувањето на Хмара.

Протестирачите почнаа да извикуваат „Срам!“ и да удираат на тапани откако дознаа за именувањето на Хмара. Тие соопштија дека засега ги прекинуваат протестите и ги повикаа граѓаните да се соберат вечерва во 19 часот на плоштадот „Иван Франко“.

Учесниците нагласија дека планираат да организираат демонстрации секој ден во истото време.

Тие, исто така, изјавија дека на функцијата министер за одбрана треба да биде назначено друго лице.

– Го почитуваме Хмара, но ве молиме, не се кријте зад него – порачаа тие.

Потоа извикуваа слогани како „Бараме дијалог“, „Не ја уништувајте нашата иднина“, „Власта – тоа се луѓето“ и „Не нè водете кон пораз“, посочувајќи дека со претседателот Володимир Зеленски нема дијалог. (МИА)