Турција започна постапка за поднесување барање до Интерпол за издавање црвена потерница за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и уште неколку лица, одговорни за пресретнувањето на хуманитарната флотила „Глобал Сумуд“ – соопшти турскиот министер за правда Акин Ѓурлек.
Како што објави провладиниот весник „Јени Шафак“, барањето за меѓународно апсење веќе е доставено до турското Министерство за надворешни работи, кое треба да ја спроведе процедурата пред Интерпол. Покрај Нетанјаху, за истиот инцидент Анкара бара потерница и за израелскиот државјанин Афек Москович.
Ѓурлек во објава на социјалната мрежа „Икс“ посочи дека барањето за црвена потерница е поднесено во согласност со налогите за апсење што турските власти ги издадоа на 14 јули годинава. Според него, Нетанјаху и Москович се товарaт за повеќе тешки кривични дела, меѓу кои „геноцид“, „злосторства против човештвото“, „мачење“, „намерно нанесување телесни повреди“, „противправно лишување од слобода“, „киднапирање превозни средства“, „тешка кражба“ и „оштетување имот“.
„Во никој случај не го прифаќаме ставот дека владата на Нетанјаху, која спроведува политика на геноцид во Газа, е недопирлива и не може да биде повикана на одговорност“, порача турскиот министер.
Хуманитарната флотила „Глобал Сумуд“, чија цел беше привлекување на вниманието на јавноста кон хуманитарната криза и пробивање на поморската блокада што ја воведе Израел, беше пресретната од израелските сили во мај годинава, во услови на зголемени тензии околу испораката на помош за Појасот Газа.
МИА




