Претседателот на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации Проф. Д-р Орце Симов објави старус во даде свое видување за веќе изгласаната одлука против Дата-центарот.

Дата центарот можам да го дефинирам низ различни призми. Една од дефинициите која воопшто не е поврзана со тоа што всушност е дата центар е дека дата центар е мерка за економска развиеност на една земја. Тоа значи колку повеќе дата центри во една земја, толку повисок развој. На пример, највеќе дата центри има во САД, 4767, на второ место е Велика Британија со 569 дата центри, потоа следува Германија 533, Франција 393, Кина 376 и така натаму. Листа со број на дата центри по земја има во слика во коментар, објави Симов.

Дата центарот можам да го дефинирам низ призма на енергетика како голем потрошувач на енергија и создавач на топлина – Топлана на која може да се грееме како во Скандинавија на пример. Градежнички можам да го дефинирам и дека тоа е зграда во која живеат социјалните мрежи, интернет сервисите и вештачката интелигенција, потенцира во објавата која ви ја пренесуваме во целост:

„Но, ќе се задржам на суштинската дефиниција што е дата центар. Дата центар е капацитет (објект, зграда) во кој се наоѓаат голем број на компјутерски сервери кои служат за обработка и складирање на информации. За какви информации се работи, на пример ќе го земам Facebook. Facebook не работи на мобилниот телефон или на компјутерот од кој му пристапуваме. Каде се сместени сите слики, видеа, коментари лајкови и се што се поставува на таа мрежа? Сите тие податоци се складирани во тие така наречени дата центри. Таму има голем број на сервери кои се дистрибуирани низ повеќе локации во цел свет за да се складираат податоците и да се сервираат (испратат) до корисниците кога ќе пристапат на социјалната мрежа преку мобилен телефон или компјутер.

Може многу да се зборува на темата и во детали да се објаснува. Ајде да видиме што значи тоа низ перспективата на Интернет сервиси. Дали може да постои Youtube без дата центар? Одгворот е Не. Facebook без дата центар, исто не, Amazon, Instagram, Google, Yahoo, Ali baba, Temu, електронско банкарство, дигитални услуги, ништо нема да има без дата центри. ChatGPT исто така, Claude (Antropic) и многу други.

Еден апсурд: Главната битка против дата центри се води на Интернет и социјални мрежи кои не би постоеле ако нема дата центри.

Слична битка: 5G мрежи пред пет години, а сега сите сме на 5G.

Два типа на датацентри: Класични и ВИ. Објаснување во друг пост.

Потрошувачка на електрична енергија: Дата центрите, особено ВИ дата центрите трошат многу електрична енергија. Но тие нема да ја трошат енергијата на граѓаните, тие ќе набавуваат електрична енергија на берзите за енергија како мемо или hupx.

Типови на ладење: Воздушно ладење – не троши вода. Immersion ладење – не троши вода. Директно ладење со течност, не троши вода затоа што е затворен систем. Ладење со испарување, троши вода (испарува во атмосферата) но таа со врнежи пак се враќа на земјата. Има уште неколку системи на ладење кои не трошат вода.

Што значи дата центар за економијата: Еден пример ќе спомнам. Во моментот Google во Германија гради дата центри во вкупна инвестиција од 5,5 Милијарди евра. Годишниот придонес во БДП на Германија ќе биде само од таа инвестиција 1.016 Милијарди евра. За Германија и нејзиниот БДП 1 милијарда не значи многу ама замислете колку е тоа на нашите 18 милијарди евра.

Бенефитот низ друг агол: Македонија е земја во која има многу сончеви денови. До пред некое време барањата на граѓани и компании за градење на фотоволтаични системи во РКЕ беа со вкупна моќност од 7 GW. Нашите потреби отприлика се околу 1 GW. Значи немаме потрошувачи, затоа на многу барањата не им се одобрени. Ако се изградат дата центри, ќе има потрошувачи, на многумина може да им се одобрат барањата да произведуваат и да ја продаваат електричната енергија. На пример, ако имаме дата центри со потрошувачка од 1 GW може да се дадат одобренија за фотоволтаици за 3 GW, 1 GW za тековна потрошувачка, 2 за складирање за временскиот период кога не работат фотоволтаиците (батерии, водород, пумпна хидроакумулациона електрана и други начини….). Темата е многу широка.

На што треба да се обрне внимание:

Објектот да се направи по највисоки еколошки стандарди; Дата центарот да се направи на место кое нема да го попречува животот на локалното население; Да се направи на место на кое има или дополнително ќе се направат доводи на електрична енергија со доволен капацитет за да не се загрози снабдувањето на постоечките потрошувачи; Да си обезбеди електрична енергија на берзите за енергија по пазарни цени (тоа е така и според сегашната законска регулатива, спомнувам само да го нагласам тоа).

Пишував скратено, изоставив многу аспекти, за да не биде предолго. Орце Симов 26-08-2026, 00:40 часот“.