Создавањето услови младите инженери својот ум, талент, желба и креативен потенцијал да ги реализираат во татковината е стратешка цел од која зависат развојот и опстанокот на државата, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченоста за доделување на признанието „Инженерски прстен 2026“ во Охрид.
– Мора да станеме свесни дека во време кога знаењето е најзначаен развоен ресурс, од односот на одговорните и на најповиканите кон најучените, најталентираните и најкомпетентните млади луѓе зависи просперитетот на нашата држава, рече Сиљановска-Давкова.
Обраќајќи им се на најдобрите и најуспешните студенти во инженерските науки, таа истакна дека тие не претставуваат само индивидуален академски успех, туку и „непроценлив социјален капитал на државата“.

– Од нашата способност, подготвеност и решеност да ги препознаеме и идентификуваме, но и навреме да ги вреднуваме, овозможувајќи им својот професионален потенцијал да го реализираат тука, дома, зависат нашата технолошка конкурентност и компетитивност, но и економскиот капацитет и развој на државата, рече претседателката.
Зборувајќи за значењето на инженерството, таа оцени дека инженерскиот ум е „еден од најсилните цивилизациски творци и двигатели“.
– Најголемите историски пресврти и општествени скокови не се врзани само за нови научни сознанија, туку и за способноста и подготвеноста за нивно преточување во конкретни решенија со кои темелно и трајно се менуваат начинот на живот, производството и комуникацијата. Преку инженерството научната мисла добива апликативна, општествена верификација и релевантност, рече таа.

Сиљановска-Давкова ја истакна и улогата на македонската инженерска фела во афирмацијата на професијата и поврзувањето на академската заедница со инженерската практика.
– Наша обврска е да создаваме и да негуваме пријателски амбиент во кој тие ќе можат својата стручност и својот потенцијал да ги манифестираат и продуктивно да ги вложат во развојот на државата, порача претседателката, нагласувајќи дека способноста да се задржат најдобрите млади инженери и да им се овозможи иднината да ја градат дома е суштинско прашање за економската конкурентност и долгорочниот развој на државата.
– Пред клучна дилема сме – да ги задржиме најдобрите или да ги загубиме. Од нашиот одговор ќе зависи иднината, порача Сиљановска-Давкова.
На 23-то издание на „Инженерски прстен“, признанието им е доделено на 14 млади инженери кои со своите резултати за време на студирањето се издвоиле како најуспешни претставници на своите генерации.
Претседателот на Инженерската институција на Македонија, Андреј Лепавцов, ги повика младите инженери да останат во земјата и своето знаење и талент да ги вложат во нејзиниот развој.

– Останете во земјата. Знаете дека сте ни потребни. Потребен ни е вашиот ум за да ги проектираме, изведеме и завршиме големите стратешки проекти што ќе ги дефинираат нашите следни десет години, рече Лепавцов.
Како приоритети тој ги посочи модерната инфраструктура, Коридорите 8 и 10, енергетските и водостопанските проекти, како и дигитализацијата и изградбата на современа дигитална инфраструктура.
– Вистинската независност не е само политички статус, таа се гради преку економска сила и технолошка самодржливост, нагласи Лепавцов, повикувајќи ги младите инженери да се вклучат во домашната индустрија, да предводат стартапи и да учествуваат во реализацијата на националните проекти.

Претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Дејан Метикош, истакна дека „Инженерскиот прстен“ не е само признание за досегашниот успех, туку и симбол на одговорноста и довербата што општеството им ја дава на инженерите.
– Дипломата повеќе не е крај на образованието, туку почеток на професионалното учење. Нашата задача е да создадеме услови инженерите постојано да се усовршуваат, да следат современи стандарди и технологии и да ја градат својата професионална кариера во нашата држава, рече Метикош.
Тој посочи дека особено внимание треба да се посвети на младите инженери, на кои треба да им се овозможи да работат, напредуваат, преземаат одговорност и учествуваат во големи проекти.
– Ако сакаме современа држава, мора да имаме и современо инженерство, нагласи Метикош. (МИА)




