Во 1991 година автомобилот сè уште бил значаен статусен симбол и во многу семејства едно возило го користело целото домаќинство.
Денес ситуацијата е сосема поинаква. Македонија по независноста била земја со релативно низок степен на моторизација, типичен за доцната Југославија. Денес бројот на автомобили по жител е повеќекратно поголем и автомобилот станал основно превозно средство за најголем дел од населението.
Од независноста до денес, бројот на автомобили по жител во Македонија се зголемил приближно 2,5 пати. Од 122 автомобили на 1000 жители во 1991 година, во 2025 имаме 338 автомобили на 1000 жители.
Возниот парк се проширил побрзо од растот на населението, што покажува значително зголемување на достапноста на автомобилите и раст на потрошувачката моќ.
Должината на автопатите во Македонија од независноста до 2025 година, исто така е зголемена, од приближно 120 километри на околу 347 километри, што значи дека мрежата е повеќе од двојно проширена. Најголемиот дел од таа експанзија се случил по 2005 година и во 2010 година достигнува 251 километар.
Од „стојадин“, „југо“ и „голф“ до електрични автомобили, SUV-модели и возила со дигитални системи за асистенција – промената во автомобилскиот парк е една од највидливите слики на 35-годишната трансформација.
Во 2025 година во земјата биле регистрирани 727.240 патни моторни возила, од кои 615.382 биле патнички автомобили. Од нив најголемиот дел се дизел (63,8%) и бензин (25,7%), додека електричните и хибридни возила учестуваат со околу 1,5 проценти.




