Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека имал конструктивни разговори со престолонаследникот на емиратот Абу Даби, шеикот Халед бин Мохамед Ал Нахјан во Делхи, на маргините на самитот на БРИКС.

– „За прв пат од почетокот на војната и инцидентите во Персискиот Залив имавме конструктивен разговор со престолонаследникот на Абу Даби – рече Пезешкијан.

– Ги разгледавме различните проблеми и загрижености и се согласивме да го оставиме минатото зад себе, да се свртиме кон иднината и да ја градиме заедно – додаде иранскиот претседател, кој се обрати на телевизијата од Делхи пред неговото враќање во Иран.

Земјата беше нападната на 28 февруари од Израел и САД. Во одговор, Иран изврши удари ширум Блискиот Исток, насочени кон американските бази и секоја цел за која тврди дека била користена за напад врз неговата територија.

Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) беа најпогодената држава од иранските напади.

Минатиот месец Емиратите објавија суспендирање на трговските и финансиските односи со Техеран. Во Дубаи живее значителна иранска заедница и градот претставува важен економски центар за Иран, чија економија е подложна на тешки санкции.