Во образовните установи во Свети Николе се реализираат инфраструктурни и енергетски проекти вредни речиси 13 милиони денари, со кои се поставуваат фотоволтаици во училишта и градинки, се уредуваат дворови и се реконструира објектот на средното училиште „Кочо Рацин“, соопштуваат од Министерството за образование и наука.

Како што соопштуваат од таму, министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска била во посета на општина Свети Николе, каде што заедно со градоначалникот Дејан Владев извршила увид во активностите за подобрување на условите и за поставување фотоволтаици во повеќе образовни установи.

– Драго ми е што локалната самоуправа во континуитет се труди да гради поквалитетно образование на локално ниво, а тоа е идентична цел и на Владата и Министерството за образование и наука на национално ниво. Секако, кога целите се идентични, заложбите се многу поефективни. Инфраструктурата е еден од основните предуслови за да имаме добар воспитно-образовен процес и во оваа пригода ќе му се заблагодарам на градоначалникот што покажува голема грижа за најмладите и порачувам така да продолжи и во иднина да работи – рече Јаневска.

Од таму дополнуваат дека градоначалникот Владев информирал дека се работи за инвестициски циклус од речиси 13 милиони денари, средства со кои се поставуваат фотоволтаици во три основни училишта и две градинки, се уредува дворот во дел од нив, а во средното општинско училиште „Кочо Рацин“ се поставува фасада и покрив со средства од Владата обезбедени преку повикот за финансирање на капитални проекти на општините.