Во периодот од 20 до 23 септември 2026 година, во посета на нашата држава и Армијата за првпат престојува ешалонот од национални воени претставници при Врховниот штаб на Сојузничките сили во Европа.
Целта на посетата е националните воени претставници да стекнат подобро разбирање на стратешките и оперативните аспекти на безбедноста и одбраната преку непосреден увид во безбедносните и одбранбените политики и капацитети на земјата домаќин, начинот на организација и подготвеност на силите, како и да се запознаат со културата, традицијата и обичаите на нашата земја.
Денес во касарната „Илинден“ во Скопје гостите беа пречекани од началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на Командата за опeрации бригаден генерал Мирче Ѓоргоски. Поздравувајќи ги гостите, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски ја нагласи важноста од сојузничката соработка, која е изградена врз доверба и заеднички вредности во рамките на НАТО – најмоќниот одбранбен сојуз во историјата. Притоа тој истакна дека Армијата има важна улога во придонесот кон мобилноста, брзината, иницијативата, отпорноста и стратешката длабочина на Алијансата, преку своите способности и активно учество во мисиите, операциите и активностите на НАТО, поради што нашата држава е препознаена како кредибилна, ценета и почитувана членка на овој сојуз.
Воените претставници беа брифирани за нашето учество во меѓународните мисии и активности во рамките на НАТО, процесот на модернизација и опремување на Армијата и капацитетите на нашиот национален ресурс АП „Криволак“, кој е еден од најзначајните полигони за обука во Југоисточна Европа.

Националните воени претставници го проследија тактичко-техничкиот збор на кој имаа можност непосредно да се запознаат со дел од вооружувањето, воената опрема и средствата со кои располага Армијата, како и со нивната намена и примена при извршувањето на редовните задачи.
Воедно, тие ја проследија методско-показната вежба изведена од припадници од Баталјонот за специјални намени, Лесната пешадиска баталјонска група и Центарот за одгледување и дресура на кучиња, со што добија непосреден увид во подготвеноста и способностите на Армијата.
Деканот на ешалонот на националните воени претставници, генерал-мајор Стефан Мершеноар од Република Франција, изрази искрена благодарност за гостопримството, високото ниво на организација и содржинските презентации со кои беше претставена Армијата. Тој истакна дека ваквите посети претставуваат значаен придонес кон продлабочувањето на меѓусебната доверба, зајакнувањето на сојузничката кохезија и унапредувањето на воената соработка во рамките на НАТО.
Посетите на ешалоните од национални воени претставници се реализираат на ротациона основа, при што секоја година друга земја членка е домаќин на оваа активност.
Ваквите посети претставуваат значајна можност за размена на искуства и најдобри практики, продлабочување на меѓусебното разбирање и зајакнување на воената соработка меѓу сојузниците. Истовремено, тие придонесуваат кон унапредување на интероперабилноста и градење на уште посилни партнерства во рамки на Алијансата.




