Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повика на создавање на Европска транспортна унија и објави предлог за удвојување на европските инвестиции во транспортната инфраструктура на повеќе од 50 милијарди евра во следниот долгорочен буџет на Европската унија.
Обраќајќи се пред учесниците на конференцијата „Денови на поврзување на Европа 2026“, Фон дер Лајен нагласи дека физичката интеграција на Европа мора да ја придружува нејзината политичка експанзија, потсетувајќи дека во минатото железничките мостови и модернизираните патишта ги премостуваа политичките и историските поделби на континентот.
„Одржувањето на она што го имаме повеќе не е доволно. Треба да изградиме транспортен систем за следните децении. Време е за вистинска Европска транспортна унија“, рече претседателката на Европската комисија.
Таа изјави дека завршувањето на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), која вклучува железници, патишта и внатрешни водни патишта, би можело да го зголеми БДП на Европската Унија за 2,4 проценти до 2050 година, односно за околу 467 милијарди евра.
Директната брза железничка врска треба да овозможи патување меѓу двата главни града за околу пет часа до 2030 година и за околу три часа до 2034 година. Фон дер Лајен рече дека ова ќе им даде на милиони патници побрза и поодржлива алтернатива на воздушниот сообраќај.
Покрај инфраструктурата, Фон дер Лајен ја нагласи потребата Европа да остане лидер во иновациите во транспортот, особено во електрификацијата на камионскиот транспорт и развојот на автономни возила, како и во зајакнувањето на отпорноста на мрежата на климатските промени, како што се поплавите и екстремните суши.
МИА




