Колумбија вчера отвори амбасада во Ерусалим, што претставува значаен пресврт во односите со Израел откако конзервативниот претседател Абелардо де ла Есприела ги обнови дипломатските врски прекинати од неговиот претходник поради војната во Појасот Газа.
Министерството за надворешни работи на Колумбија за одлуката рече дека е „дипломатска пресвртница“, додека за израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар тоа е „ден на славење за односите меѓу Израел и Колумбија, како и за Ерусалим, нашиот главен град“.
Двете земји воспоставија дипломатски односи во 1957 година и одржуваа блиска воено-безбедносна соработка. Колумбија во својот арсенал користи пушки и борбени авиони од израелско производство.
Во 2024 година, тогашниот претседател Густаво Петро ги прекина односите со Израел, обвинувајќи го за геноцид поради воените операции во Појасот Газа, кои ги спореди со нацистичките концентрациони логори. Израел ги отфрли обвинувањата и ја осуди одлуката на Колумбија.
По прекинот на односите, Петро најави отворање амбасада во Рамала, на окупираниот Западен Брег, но дипломатската мисија никогаш не беше отворена.
Обновувањето на односите со Израел стана приоритет на владата на Де ла Есприела, кој ја презеде функцијата со поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп.
„Оваа амбасада е видлив израз на нашата решеност да го обновиме дијалогот, да ја зајакнеме меѓусебната доверба и да изградиме агенда што ќе донесе конкретни придобивки за нашите граѓани“, изјави колумбискиот министер за надворешни работи Омар Була.
На почетокот на октомври, Колумбија ја именуваше Тања Гилински Бакал за амбасадорка во Израел, со задача да ги зајакне трговските врски и соработката во областа на безбедноста, разузнавањето, кибер-безбедноста и размената на информации.
На крајот на 2017 година Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел, додека САД ја преместија својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим во 2018 година.




