Во Скопје денес започна четвртиот IV Интернационален медицински конгрес во организација на Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет на УКИМ. На отворањето на собирот се обрати и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која рече дека во високото образование, науката и истражувањата, многу се важни меѓународните вмрежувања и мобилноста и дека тоа е единствениот начин за размена на искуства и добри практики со глобалниот свет, но и за заеднички проекти, се наведува во соопштението од МОН.

-Како Влада имаме став дека без наука нема општествен развој, па оттука, кога пред две години го започнавме раководењето со институциите, одлучивме да преземеме крупни мерки кои ја раздвижија научно – истражувачката дејност во Македонија. За две години буџетот за наука го зголемивме повеќе од двојно. Во 2025 година финансиравме 50-тина научно – истражувачки проекти од јавен интерес, во вкупна вредност од 6 милиони евра, a за нашите професори, научници и студенти обезбедивме бесплатен пристап до познатите глобални научни бази – Web of science и Scoopus, рече Јаневска.

Министерката посочи и дека е посебно задоволна од зајакнатата соработка со Здружениот истражувачки центар на Европската комисија, кој ги отвори вратите на своите лаборатории за македонскиот научен и истражувачки кадар, а воедно Центарот помогна под негово покровителство во Македонија минатиот месец да биде организирана и првата летна научна школа за земјите од Западен Балкан.

-Ќе споменам и дека изготвивме целосно нова законска рамка за наука и високо образование. Пакетот од три закони е во собраниска процедура и очекувам до крајот на годината да биде усвоен, за повеќе и подобри можности за нашите професори, научници, истражувачи. Повеќе можности и за наставно – научниот и истражувачки подмладок. Најдобрите студенти одликувани со инженерски прстен или друго признание за успех, добиваат предност при вработување на факултетите, нагласи Јаневска.

Посакувајќи успешен конгрес, министерката им порача на професорите и студентите да продолжат да придонесуваат кон образованието и развојот на научната мисла во областа на медицината, а со тоа да помогнат и во заложбите за подобрување на здравствениот систем и здравјето на граѓаните.