Во Галеријата на НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица“ вечер ќе биде отворена изложбата на монети од XIV до XX век, информираа од оваа установа.
Изложбата е подготвена врз основа на истоименото издание на Музејот, чиј автор е историчарот и виш кустос Бранко Ѓоргиев и претставува можност за непосредно запознавање со нумизматичкото наследство и историските сведоштва што ги носат монетите од различни временски периоди.
– Монетите се многу повеќе од средство за размена. Тие се сведоци на времето во кое настанале, на царствата и државите што ги издавале, на владетелите, општествените односи и културните вредности. Преку нивните ликовни претстави, натписи и материјални карактеристики се откриваат важни аспекти од политичката, социјалната и уметничката историја, се наведува во информацијата.
Со оваа изложба, покрај презентацијата на вредното нумизматичко наследство, се промовира и изданието на Одделението за историја и историско културно наследство при Музејот – Струмица.
– Каталогот, со своите прецизни описи, фотографии, технички податоци и историски контекст, претставува значаен референтен извор за истражувачите, научната јавност, колекционерите и сите граѓани заинтересирани за историјата на својот роден крај. Изложбата овозможува подобро разбирање на историските процеси и на начинот на кој овој регион бил поврзан со пошироките политички, економски и културни текови низ вековите, се додава во информацијата.
Инаку, изложбата се реализира со поддршка од Државна Лотарија АД.
Фото: Завод и музеј Струмица




