Македонија е апсолутен лидер во спроведувањето на реформите во рамки на Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан, а резултатите од реформските процеси веќе се преточуваат во конкретна финансиска поддршка за државата. Во ноември се очекува нова транша од 75 милиони евра да пристигне на сметката на македонскиот буџет, со што вкупните средства исплатени врз основа на спроведените реформи ќе надминат 225 милиони евра, истакна во вечерашното гостување во „Само интервју“, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
-Ако споредите со останатите земји во регионот, бенифициите се гледаат, вчера имамвме средба со евроамбасадорот Рокас, и веќе во месец ноември 75 милиони евра треба да легнат на сметка на македонскиот буџет. Преку 150 милиони евра веќе се легнат во буџетот, коишто се резултат на реформите коишто ги спроведуваме како дел од Планот за раст, а исто така користите и доста грант компоненти, еве на пример во мојот сектор го почнавме Кичево-Букојчани пред некој ден, 20 милиони евра имаме грант, го почнавме Скопје-Блаце пред месец дена, имаме 40 милиони евра грант, за третата фаза на железницата со Бугарија имаме 149 милиони евра грант, посочи Николоски.
Вицепремиерот се осврна и на можноста за дополнително зголемување на финансиската поддршка за земјите од регионот што спроведуваат реформи. Според неговите очекувања, сè поизразено е разграничувањето меѓу државите што напредуваат во реформските процеси и оние кај кои тој напредок изостанува.
-Она на што јас се надевам, е дека веќе се направија две групи на земји во регионот. Едната е онаа коишто спроведуваат реформи, а тоа се: Македонија, Црна Гора и Албанија, и втората е оние коишто не спроведуваат реформи, а тоа се: Србија, Косово и Босна и Херцеговина. Идејата е средствата коишто беа предвидени за овие три држави, да дојдат на страна на Македонија, Црна Гора и Албанија, каде што ние би оделе над овие 750 милиони евра, коишто сега се предвидени”, рече заменик претседателот на владата.




