Студентите и средношколците продолжија и денеска, четврти ден по ред, да протестираат против владата во Албанија, а демонстрациите се проширија освен во Тирана и во неколку други градови, каде што имаше судири со полицијата, која употреби и солзавец.

Во Тирана, млади луѓе од главниот град и други делови од земјата се собраа пред Министерството за образование, барајќи промени во земјата и оставка од премиерот Еди Рама. Протестите во главниот град траат веќе четврти ден, а претходните три дена беа обележани со тензии и конфликти.

За време на денешните демонстрации полицијата употреби солзавец против собраните пред Министерството за образование.

Во Корча демонстрантите запалија контејнери и се судрија со полицијата. Судири меѓу демонстрантите и полицијата беа регистриани и во Лежа, а според локалните медиуми, две девојки беа повредени во судирите.

Во Поградец скандирале слогани „Рама, оставка“ и „Рама во затвор, Бериша во затвор“, алудирајќи на премиерот Еди Рама и лидерот на опозицијата Сали Бериша.

Судири меѓу демонстрантите и полицијата биле забележани и во Валона. Во Елбасан, млади луѓе, претежно средношколци, ги напуштиле часовите и излегле на улиците.

Во Камза, средношколците повторно ја бојкотирале наставата и се обиделе да се упатат кон Тирана за да се приклучат на протестите во главниот град. Нивниот марш бил запрен од полицијата, а на теренот имало зголемен број полицајци.

Канцеларијата на ОН во Албанија изрази загриженост поради насилството и ескалацијата на тензиите за време на протестот на учениците и средношколците во Тирана и ги повика сите учесници да се воздржат од насилство, да ги намалат тензиите и да се вклучат во конструктивен дијалог, почитувајќи ги основните човекови права и владеењето на правото.

Во соопштението, Канцеларијата на ОН во Тирана ја нагласи важноста на почитувањето на правото на мирно собирање, слободата на изразување и слободата на медиумите, како и обврската за заштита на безбедноста и достоинството на сите граѓани, во согласност со Повелбата на ОН и меѓународните стандарди за човекови права.

Обединетите нации нагласија дека дејствијата на припадниците на безбедносните сили мора да се карактеризираат со воздржаност и пропорционалност, почитувајќи ги гаранциите за фер судски постапки. Во соопштението, исто така, се нагласи важноста на заштитата на јавниот и приватниот имот, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права.